
Во нова книга од Аарон Т. Смит, „Психологијата на спортските фанови“, се тврди дека за речиси 5 милијарди луѓе низ светот, спортот исполнува основни психолошки потреби – како што се припадност, идентитет и смисла.
Истражувањето укажува дека навивањето за спортски тимови произлегува од еволутивно вкоренети тенденции кои го зајакнуваат социјалното единство и, со тоа, ја зголемуваат шансата за опстанок.
Авторот, професор на Универзитетот во Канбера, Австралија, вели:
„Нашиот ум има извонредна способност за верување – нешто што било клучно за преживување во историјата на човештвото. Денес, таа способност е како мускул што прекумерно сме го тренирале – не можеме да престанеме да го правиме тоа. Особено кога станува збор за спортот и спортистите, овие верувања носат и лични и социјални награди.“
Според него, ова не е културно ограничен феномен – од бејзболот во Јапонија до рагбито во Нов Зеланд, спортот создава длабоки емоционални врски кои ги обединуваат луѓето.
Но слично како во религијата, и кај спортското навивање постојат когнитивни искривувања што ја зајакнуваат емоционалната поврзаност и предизвикуваат автоматски реакции. На пример, оптимизмот ги тера навивачите да очекуваат добар исход и покрај понекогаш реално малите шанси, а пристрасноста ги наведува да ги бараат само информациите што ги потврдуваат нивните претходни убедувања.
Смит вели дека како и религијата, и спортот функционира преку „суперординарни идеологии“ – системи на верувања кои стануваат дел од нашиот идентитет. За навивачите, поддршката за тим не е само хоби, таа станува обврска. Кога навиваш, победата се чувствува како лична победа, а поразот – како личен пораз.
Спортските искуства – радости и разочарувања – се длабоко врежани во меморијата. Таквите спомени стануваат „емоционални сидра“ што го одредуваат идното доживување на спортот. Смит го наведува примерот со француските навивачи кои децении подоцна сè уште живо се сеќаваат на победата на Светското првенство во 1998.
Тој го објаснува и концептот на „поделена реалност“, односно создавање на ментален простор во кој спортот е одвоен од остатокот од животот. Таа когнитивна техника им дозволува на навивачите да веруваат во приказни што имаат смисла и вредност, иако можеби не се логични.
Навивачите често користат тн. евристики – ментални кратенки – за да ги оправдаат неуспесите без да ја доведат во прашање својата верба. На пример, тие ќе го обвинуваат судијата или ќе велат дека е „фаза на градење на тимот“, наместо да признаат дека нивниот тим слабо игра.
Исто како што заедничките молитви ги зближуваат верниците, така и заедничкото навивање - на стадиони, во дневни соби или онлајн - создава чувство на заедништво и припадност.
Книгата ја прикажува спортската вера како универзална потреба на луѓето за припадност и емоционална стабилност.
Смит заклучува: „Навивачите не поддржуваат само тим – тие веруваат во него. Веруваат во спортистите, во боите што ги носат, и во историјата што тие ја претставуваат.“