„Сончогледи“ на Ван Гог не е една слика. Станува збор за две серии слики - првата се состои од четири дела и е позната како „Париските сончогледи“, создадена кога уметникот живеел со братот Тео во „градот на светлината“ пред да се пресели во јужна Франција во 1888. Тој август почнал да ја слика втората серија, сончогледите од Арл.
Разликата помеѓу првата и втората група слики е лесно воочлива - париските цветови гледаат надолу, а не кои се и паднати на подлогата, додека оние од Арл се исправени и делуваат посвежо. Вториве биле насликани за Пол Гоген. Преку писма тие се договарале Гоген да го посети Арл, за двајцата да можат да работат еден до друг. Пред пристигнувањето на гостинот, ван Гог одлучил да ја украси куќата во негова чест со слики. На овој толку му се допаднале, што замолил да размени свое дело за еден од сончогледите.
Во писмо до брат му Тео, Винсент напишал дека ужива додека ги слика сончогледите и планира да направи барем 12 слики со нив, „симфонија во сино и жолто“. Работел секој ден од изгрејсонце, бидејќи „цвеќињата многу бргу се сушат“. Направил четири слики, а потоа врз нивна основа уште три познати како „Повторувања“, бидејќи биле копии од неговата трета и четврта верзија на августовските слики.
Денес, од овие седум, се зачувани пет. Во текот на годините една е изгорена во пожар во текот на Втората светска војна, а втора е загубена. Оттаму, кога денес музеите зборуваат за „Сончогледите“ од Арлс тие всушност мислат на третата и четвртата од иницијалните слики, и трите од повторувањата.
Во друго писмо до Тео, Винсент зборува за план „Сончогледите“ да ги искористи за триптиси, со тоа што би ги поставил од лево и од десно на веќе готови портрети (во случајот на жена во столче на клатење), така за тие да формираат „факели или свеќници“ светлина околу портретот. За ова дури направил и скица, а подоцна истото ќе го оствари на изложба од 1890.
„Сончогледите“ користеле до тогаш невидени бои, добиени со нанесување слоеви жолта. Ова било овозможено со иновациите на произведените пигменти на 19-тиот век. Без нив славните слики никогаш не би го имале својот интензитет, и обратно, без уметници како ван Гог, овие бои можеби никогаш немало да го доживеат својот целосен потенцијал.
Во текот на животот, Винсент продал само еден авторпортрет и сликата „Црвеното лозје кај Арл“. По неговата смрт, сите сончогледи отишле кај Тео. Денес тие се раштркани низ повеќе музеи во светот, што значи дека не се изложени како збирка, каква што била намерата на авторот. Во 2017, Националната галерија во Лондон ја искористи стриминг технологијата за да направи виртуелна изложба која ги спои петте слики. Ова беше прв пат „Сончогледите“ да бидат заедно откако го напуштиле домот на Тео.