Во 1860-тите, Шарл Бодлер ги опишал грозотиите на нешто што денес го нарекуваме „думскролинг“.
„Секој весник, од првата до последната реченица, не е ништо друго освен слоеви ужас. Војни, криминал, кражби, секаков вид злосторства, отровен бран на универзално насилство. Токму овој ужасен аперитив цивилизираниот човек го конзумира секое утро за појадок“, напишал тој.
Поетовиот став бил широко споделуван во интелектуалните кругови на Франција во 19 век. Весниците биле опишувани како вирус или наркотик, одговорен за колективна неуроза, прекумерна возбуда и намалена продуктивност. Криминалитетот бил толкуван како последица на популарните црни хроники. Голем број писатели заклучиле дека весниците наскоро ќе ја убијат книгата и целата имагинативна литература.
Ваквите прогнози довеле до серија песимистички романи во кои печатот и медиумите воопшто се корумпирани и предаторски настроени кон своите читатели. „Весниците се зло“, ќе каже еден лик во „Загубените илузии“ на Балзак. Во втор пример од истото дело, новинските редакции се опишани како „јавни куќи на мислата“, предвидувајќи ја деградацијата на еден од главните ликови, кој почнува како млад поет но завршува како бескрупулозен манипулант кога се заљубува во гламурозна куртизана.
Но жалбите во врска со новинарството на француските писатели биле поттикнати од една фундаментална тензија: оние кои го критикувале печатот и самите биле новинари, а нивните романи кои ги содржеле критиките вообичаено биле објавувани во серија во истите тие весници. Новинарството и литературата биле толку далбоко поврзани што весниците станале „лабораторија на литературата“ низ речиси целиот 19 век, поттикнувајќи нови книжевни форми.
Со оглед на тоа што книгите и театарот не биле профитабилни, повеќето писатели, без голем ентузијазам, но од потреба, се свртувале кон покомерцијалните медиуми - весниците и списанијата. Оваа врска помеѓу двете области е добро сумирана во постухмно објавениот „Речник на добиени идеи“ од 1910 на Гистав Флобер. „Весници - не можеш да живееш без нив, но се буниш против нив“. Писателите-новинари како Балзак и Мопасан зборувале против светот од кои тие впрочем потекнувале.
Нивните аргументи не биле без основа. Францускиот печат бил одржуван со помош на мито, корупција и врски во високите кругови. Еден од водечките уредници на тоа време изјавил дека не е среќен доколку секоја реченица во неговиот весник не е купена и платена (од нарачателите). Но репетитивното и самосожалувачко мантрање кое го едначело новинарството со проституција всушност ја затскривало сложеноста на реципроцитетната размена помеѓу литературата и новинарството. Весниците некогаш биле доблесен медиум и форум за креативна иновација. Во втората половина на 19 век, некои модернисти почнале да се помируваат со таа дуалност, намалувајќи го антиновинарскиот сентимент и заземајќи понијансиран пристап кон подемот на масовните печатени медиуми.
Ова не е многу различно од начинот на кои ние денес се обидуваме да излеземе на крај со галопирачките нови медиуми. Можеби овој дух на „амбивалентна отвореност“ е решение и за нашите проблеми. Француските модернисти ни покажуваат како да изделкаме простор за уметничко изразување внатре доминантните медиуми, без да бидеме доминирани од нив.