Студена вечер во Чипсајд, Лондон, декември 1394. Извесен Џон Бритби на улица забележал жена по име Еленор. Пристапил и ѝ понудил да има секс со него. Еленор испреговарала цена, и откако се договориле, пронашле некакво засолниште. Градските власти биле во близина, подготвени да упаднат, и ги уапсиле.
Она што набргу го дознале е дека Еленор всушност била - Џон. Сега тој требало да одговара за тој illud vitium detestable, грозниот грев - содомија.
Документите од неговото судење биле откриени во 1995, што поттикнало голем број дискусии за нашето разбирање на средовековната сексуалност. Рикенер имал секс и со мажи и со жени, вклучително со свештеници и калуѓерки (!). Заработувал како везилка, проститутка и шанкер. Имал и некој вид менторки во најстариот занает, кои го подучувале како да биде жена и како да го извлече најдоброто од тоа.
Истражувачите од областа на родовите студии, по пронаоѓањето на документот, дискутираа околу можната класификација на овој случај, како трансродов, интерсексуален, крос-дресинг итн. Но во неговата/нејзина приказна има многу повеќе од тоа. Историскиот контекст притоа е од големо значење. Ова е време непосредно по пандемијата на бубонска чума во Лондон, која убила повеќе од една четвртина од населението. Поради немањето работна рака веќе не се гледало дали некоја работа е женска или машка. Така Рикенер се нашол како чирак кај извесна шивачка, која му била и макро - го облекувала во женски алишта и го подметнувала на клиенти кои мислеле дека спијат со жена, а можеби и немале ништо против во моментот кога го откривале спротивното.
Апсењето на Џон/Еленор се случило на врвот на тн. „лолардизам“, прото-протестантско христијанско движење, за кое овој случај бил кошмарен, со оглед на тоа колку членови од неговиот ред биле помеѓу клиентите. Оттаму, „12-те заклучоци“, религиозен текст кој содржи ставови на најголемите водачи на лолардизмот од тоа време, експлицитно ја споменува свештеничката содомија во третиот заклучок, за која се обвинува црковното инсистирање на апстиненција од страна на свештените лица. Заклучоците се донесени само неколку недели по апсењето на Џон/Еленор и се смета дека истото влијаело врз нивното формулирање.
Она што сепак недостасува во целата приказна се личните перспективи на инволвираните. Судските документи се едно, но сето останато, што навистина мислел и чувствувал Рикенер, би можеле само да го претпоставиме.