Во текот на изведбата долга 639 години на делото Органа2 на Џон Кејџ, едноставната промена на акордите се случува на неколку години. И секојпат настанот привлекува голема толпа народ во малиот германски град Халберштад, каде се наоѓа органата на која се изведува делото.
Последниот пат нотите се променети на 5 октомври 2013, кога 1500 луѓе се собрале околу органата. Дури и тогаш ова било оценето како небезбедно, а сега, среде пандемијата, организаторите се соочуваат со дополнителен предизвик - како да ги спречат обожавателите на Кејџ да се сјатат во катедралата св. Бурхарди.
Денес, 5.9. музичарите Јохана Варгас и Џулијам Лембке - обајцата поранешни добитници на наградата Џон Кејџ - ќе инсталираат две нови цевки на инструментот, за да овозможат интерпретација на повишено „сол“ и „ми“, кои ќе резонираат следните 2527 денови (ова ќе се постигне со ставање вреќи песок врз дирките). Ќе биде овозможен физички пристап само на ограничен број луѓе, но целиот настан може да се следи онлајн.
Со оглед на тоа што во ова дело од 1985 Кејџ не оставил доволно прецизна одредница колку бавно е бавно-то кое го планирал, во 1998, шест години по неговата смрт, група музички теоретичари, филозофи и специјалисти за органа се собрале на симпозиум во Тросинген, јужна Германија. Тогаш е одлучено и за должината на делото (не заокружени 1000 години за да не асоцира на нацистичкиот план за 1000-годишно владеење) и за местото - тогаш напуштена црква која била користена како пивара и за чување свињи. Сепак, познавачите знаеле дека тука има славна органа, создадена од Николаус Фабер во 1361, во која денес ќе оддекне новиот тон. Промената можете да ја следите тука, а има и часовник што ги одбројува секундите до неа.