„Не остана ли ништо свето?“: спортскиот скандал што ја тресе Британија

Можеби мислите дека има врска со фудбал. Или со тенис, коњски трки, бокс. Не, оваа приказна за актуелна контроверзна победа на домашно првенство има врска со - челичен костен!

Веројатно повеќето од нас не сме биле свесни што сме пропуштале последниве шеесетина години - динамичната и тензична сцена на натпреварите во кршење костени. 

Играта се вика „конкерс“, исто како што се вика плодот од див костен на британско-англиски. Се смета за традиционална забава, особено за деца, а се одвива на следниов начин - костените се врзуваат на врвка, а потоа играчите се обидуваат со отсечни движења да го скршат костенот на другиот. Малку како кршење јајца, ама потешко, затоа што непечениот костен не пука баш лесно.

Од 1965 во местото Саутвик во Нортхамптоншир во Британија се одржува светско првенство во „конкерс“ и тоа во локалниот паб, финансиран од самите учесници, туристите и населението. Илјадници луѓе се собираат секоја година да ги следат оние што влегуваат во костец, а секако ова е придружено со многу забава и хуманитарни настани. 

Но оваа година голема сенка падна врз натпреварот - обвинување дека еден од најстарите учесници и овогодишен победник, 82-годишниот Дејвид Џекинс, всушност користел метален костен (како кога при кршење јајца со „иле“ се користи дрвено). Тој последен пат победил на натпреварот во 1977 и претпоставката е дека сите овие години не можел да ја надмине желбата уште еднаш да се закити со престижната титула шампион. Обвинувањето доаѓа од второрангираниот, 23-годишниот Алистер Џонсон-Фергунсон, кој загубил во финалето против Џекинс и ја пријавил потенцијалната измама кај судиите. Aргумент му е тоа што неговиот костен се распаднал уште при првиот удар, а „тоа не се случува“.

Ситуацијата е „врвка“ затоа што Џекинс низ годините е истовремено и топ судија, познат како „кралот Конкер“, кој е одговорен за бушење и вметнување конци во костените на другите натпреварувачи. По обвинувањето, судиите ги пребарале неговите џебови и навистина таму нашле метален костен за којшто тој тврди дека му е амајлија. Теоретски, тој можел да го употреби затоа што играчите бираат од вреќа костен пред секоја рунда. Има и сугестии дека „кралот“ ги обележал конците на потврдите костени (а ги имало над 2000). 

Со нетрпение очекувајќи ја разврската на овој случај, уживаме во коментарите на социјалните мрежи, од тоа дека „Челичен костен“ би било одлично име за метал бенд, до очајниот извик - „Не остана ли ништо свето?“

извор

16 октомври 2024 - 08:58