Не можел да спие, па си купил ТВ станица за да си пушта филмови

Милијардерот Хауард Хјуз си се досетил како да си „стрима“ своја програма децении пред Нетфликс и ХБО. Гледачите биле среќни што конечно можеле да имаат 24-часовна програма, но неговите каприци ги излудувале.

Оние кои не можеле да спијат таа ноќ есента 1968 и од немајкаде го вклучиле телевизорот, не можеле да си поверуваат на очите. На еден од каналите одел „Булит“, крими-драмата со Стив МекКвин, истата онаа која ја содржи сцената со бркањето со коли која денес се смета за антологиска. 

Зошто ова било необично? Затоа што истиот тој филм се уште играл во кино салите низ САД, а вообичаено требало да поминат месеци, ако не и години, пред филмот да се најде на телевизија. Дури и тогаш тешко дека некој би го пуштил во 3 сабајле.

Но ова не е толку необично ако се земе предвид кој бил сопственик на КЛАС, локалната станица, „сестра“ на Си-би-ес, која го прикажувала филмот - Хауард Хјуз, славниот авијатичар и милијардер. Тој некако успеал да ги убеди Ворнер Брос да му дозволат да го прикаже филмот. Децении пред стриминг сервисите, тој можел да си дозволи да си ги пушта омилените филмови, вклучително и спомнатиот, секогаш кога сака. Всушност, токму така и го третирал својот канал, не толку за профит туку како своја филмска библиотека. 

Освен што бил авијатичар и милијардер, благодарение на богатството на татко му (Хјуз постариот ја измислил нафтената бушилка која можела да мине низ тврда карпа), Хауард бил и филмски продуцент и режисер, и на кратко сопственик на студиото РКО пикчрс. Но по авионска несреќа од 1946, тој постојано бил на опиоиди за намалување на болките, а почнал да развива и страв од бактерии и зарази. Ова го натерало уште повеќе да се изолира - едноставно го снемало од јавноста. 

Во ретките прилики кога доаѓал во својот омилен град, Лас Вегас, престојувал во хотел и навечер сакал да гледа телевизија. Му се допаѓал каналот КЛАС со локални вести и секако филмови. Но имало еден проблем - немало програма навечер, кога Хјуз седел буден поради несоница. Програмата завршувала во 11, а и другите мрежи немале целовечерни програми. Кога пак ќе пропуштел дел од филм, негов асистент имал задача да се јави во телевизијата и да бара тој да се врати. Така КЛАС ТВ била наречена „личен ви-си-ар“ (видеотека) на Хјуз. Ова се случувало толку често што сопственикот му поставил ултиматум - или купи ја станицата или остави ја на раат. 

Ова му дало идеа на Хауард кој навистина ја купил телевизијата во 1967, за 3.6 милиони долари. Ова значело дека ја презел целосната контрола, што често ги збунувало гледачите. Филмовите биле рестартирани според неговите каприци, или прекинувани ако оценел дека се досадни. Ова навистина почнало да функционира како негов приватен проектор. 

Сега сопственик на клас е Некстар. Необично, но малиот зелен бунгалов каде престојувал Хјуз секогаш кога доаѓал во Вегас (пред да го купи целиот хотел) сега е сместен на паркингот на станицата. 

извор

6 септември 2024 - 10:14