Големиот одмор служи за тоа наставниците да се одморат, а децата да се уморат. За жал и за едното и за другото тој е прекраток, па оттаму е вистинска загатка зошто се вика „голем“. Невозможно е за 15 минути да се стави кредит на мобилен, да се уплати ливче во обложувалница, да се купи за јадење и да му се издишат гумите на шкодата на наставникот по математика. Школскиот двор се користи за брканица или за жмурки помеѓу автомобилите кои тука ги паркирале професорите. Во гужвата можеш да се забавуваш со сопнување на помалите. Ним можеш да им помогнеш побрзо да ги испразнат ќесите со чипс или со смоки. Ако во школскиот двор има премногу автомобили, истрчај на улица .Не мораш да гледаш ни лево ни десно, возачите се тие што треба да внимаваат.
Ако ги измастиш рацете со бурек, мајонез, кечап или сенф, а немаш марамче, избриши ги од туѓата облека, додека се туркате на влезот во школото.
Ако некој ти понуди да купиш „трева“, имај точно пари, да не мораш да го ситниш џепарацот во обложувалница во која на малолетните влезот не им е забранет, иако не им е дозволен. Секако, големиот одмор можеш да го искористиш и не излегувајќи вон школската зграда, за препишување домашни, пишување анонимни писма, шарање по туѓите тетратки, фрлање авиони од хартија од прозорец, оставање чоколадо или гумени змии на симпатијата во чанта, фрлање креда во канта (кош!), пушење во ВЦ. Селфи можеш да направиш пред бетонскиот постамент со име на народен херој, чија бронзена глава ја имаат отфикарено уште пред твоето раѓање.
Секоја година по различни поводи управата на твоето училиште ќе те носи на споменици на паднати борци. Тоа се луѓе (така те учат) кои погинале во последната војна бранејќи ја слободата, исто како и оние во војната пред последната војна, чии споменици се зараснати во плевел, а чии бронзени глави се украдени. Овие пред кои сега стоиш убиле некои други, пред кои стојат твои врсници од училиштето таму зад брдото, затоа што и тие таму погинале за нивната слобода (така ги учат) од оружјето на овие пред кои сега стоиш ти. И ти, и тие таму зад ридот, стоите така, секој пред својот споменик, затоа што ни ти, ни тие, не би биле слободни доколку борците пред кои стоите и ти и тие меѓусебно не се убивале.
Посетата на споменикот на паднатите борци оттаму може да се искористи за гласно размислување: зошто луѓето мораат да се убиваат меѓу себе за нивните деца да бидат слободни? Каква врска има меѓусебното убивање на возрасните со слободата на децата?
Ни ти, ни тие деца таму зад ридот, кога подобро ќе размислиш, не сте баш слободни: не смеете да се облекувате во школо баш како што сакате, не смеете да зборувате различно од учебниците, не можете да бирате кои предмети ќе ги учите а кои не, не смеете гласно да размислувате пред спомениците на паднатите борци.
Оттаму, паметно е што пред спомениците на паднатите борци не се размислува гласно, а најдобро е никако да не се размислува. Твоите наставници и директорот и така не те имаат донесено тука за да размислуваш. Те имаат донесено затоа што и нив како мали ги носеле пред такви споменици, денес зараснати во плевел, пред кои и тие ништо не мислеле и ништо не се прашувале. И сето она што тогаш не го научиле, сега се обидуваат да не го научиш и ти.
Застани мирно, закочи го погледот, замрзни го лицето, скамени се, тренирај за иднина во која ќе бидеш споменик.
За разлика од жиците на ливадите, со кои селаните ја одделуваат својата трева од туѓата стока, жиците на границите на неколку земји од ЕУ се погусти, повисоки, поостри и пободликави. Тие служат за луѓето кои бегаат од војна и од сиромаштија да не ја минат границата и да не се обидат да живеат помирен и удобен живот како што тоа го прават граѓаните на ЕУ. Поголемиот број родители и наставници повеќе сака да живее во мир и благосостојба отколку во војна и немаштија, но кога некој ќе ги праша за тоа на демократски избори, тие гласаат за луѓе кои војната ја гледаат како пат до благосостојба.
За секоја војна се потребни луѓе кои се мразат и се плашат едни од други. Бидејќи живееш во земја во која децата се школуваат во одвоени училишта од страв од други и од омраза на поинакви, шансите дека и ти бегајќи од војна ќе се најдеш пред бодликава жица не се занемарливи.
Без оглед на временските прилики, пред полициските кучиња и пред специјалците од другата страна на жицата оди со што помалку облека на себе за да се уверат дека на себе немаш појас или елек со експлозив. Настојувај да изгледаш што победно за да се однесуваат похумано со тебе. Ако чорбата е ретка, јади ја без леб. Пушти ги новинарите да зборуваат во твое име, подобро ја познаваат публиката. Тоа што не одиш во училиште искористи го за учење германски. Пишувај дневник - ако умреш ќе те прослават.
Биди близу жицата, но не се оддалечувај од камерите, можеби ќе добиеш улога во филм со среќен крај, кога веќе не ти се паднал живот со среќен почеток.