Не бива филозоф без перика

Имал импресивен интелект, но не бил благословен со исто такво тело. Готфрид Вилхелм Лајбниц бил ќелав, низок и со не многу привлечни црти на лицето. Но за разлика од голем број негови колеги, бил многу практичен, па вложувал во својот изглед, на тој начин промовирајќи ја и својата филозофија.

Во 17 век не постоеле голем број модни додатоци и козметички средства кои ги имаме денес, како за мажи така и за жени. Но еден елемент го надоместувал тој недостаток. Перики секако носеле главно оние кои можеле да си ги дозволат, а помеѓу нив и образованите и софистицираните, како математичарот и филозоф Вилхелм Лајбниц.

Рано оќелавен и генерално не многу атрактивен, тој постојано носел перика, моден додаток кој бил вообичаен за мажите од неговата ера. За него додуша ова било повеќе од естетска интервенција - периката не само што му ја покривала ќелата, туку и ковчест израсток во големина на јајце од гулаб (веројатно некој тумор), му додавалa некој сантим во височина и колку што служела да му го врами лицето, толку и го одвлекувала вниманието од него.

Лајбниц не бил единствен филозоф кој носел перика во тоа време - истото го правеле и Рене Декарт и Џон Лок. Но нивните не биле ни од далеку толку екстравагантни и луксузни, ниту пак оддавале впечаток дека некаква пудлица удобно се сместила на главата на носителот.

На портрет направен од дворскиот сликар Кристоф Бернард Франке, периката на Лајбниц е во тон со богатите плишани набори на неговата облека, како симбол на просперитет, престиж и „инфлуенсерство“. Лајбниц кој бил исто така љубител на парфеми, не се срамел од својата амбиција да биде дел од елитата. Еден француски војвода бил доволно импресиониран од него за да изјави: „Не е вообичаено за интелектуалци добро да се облекуваат, пријатно да мирисаат и да разбираат вицови“.

Периката на Лајбниц до денес го поставува прашањето: дали треба филозофите (и воопшто, интелектуалците) да се секираат за својот физички изглед и за следењето на модата? Нели треба повеќе да се фокусираат на некои повисоки вистини и цели, како што тоа го правел Диоген, кој живеел гол, во буре?

Одговор на ова прашање можеби треба да бараме во самата филозофија на Лајбниц, кој тргнува од дуалноста тело-ум на Декарт и ја води чекор понатаму. Телата и умовите според него не само што се суштински од различна природа, туку се сосема одделни ентитети. Сепак, дури и да не влијаат едни врз други, тие се меѓусебен израз - секоја ментална активност е придружена со некаква промена во телесната состојба. Оттаму, и состојбата на телото на Лајбниц била израз на она што се случува во неговата глава, или во случајов, НА неговата глава, ако земеме дека периката е продолжение (иако вештачко) на телото. Во случајов таа ни кажува повеќе за него отколку неговиот нос, уши или раце. 

извор

12 септември 2023 - 11:03