пишува: Дамола Морекникеџи
Грижлив човек ќе ти помогне да ја разбереш стварноста онаква каква што е, поттикнувајќи те да размислуваш и да си ја штелуваш позицијата додека дојдеш до некакво решение кое ти врши работа. Фин човек ќе ти го каже она што создава фино чувство - и често пати токму она што сакаш да го слушнеш во тој момент - дури и ако тоа воопшто не ти помага.
Грижливите луѓе ќе те поддржат додека се прилагодуваш, растеш и еволуираш. Ќе те потсетат дека еволуирањето како човечко суштество не е нешто од што би требало да се срамиш. Дека сè еволуира и дека тоа е најголемото животно постигнување и награда. На фините луѓе им се допаѓа верзијата од тебе што им е позната, и сакаат да ја одржуваш истата, дури и по ризик на губење на твоето место во иднина. Тие се обидуваат да те заштитат од болката што доаѓа од еволуирањето - искуството на пораз, учење и развивање во нешто подобро.
Грижлив човек ќе ти помогне да се присетиш на убавината на мислењето и дејствувањето со некаква долгорочна цел. Среќата за него е колективна благосостојба. Финиот човек смета дека долгорочноста ќе се погрижи самата за себе, и дека треба да ги експлоатираш нештата во моментот, дури и ако тоа значи дека сите, освен тебе, ќе бидат повредени. Среќата за нив е добивка за едната - нивната - страна, а губиток за останатите.
И кога ќе доживеете болка, грижливиот човек ви помага да го увидите напредокот кој произлегува од неа. Тој е нежен, но и реален во својата реакција. Ве поттикнува да се соочите со болката наместо да бегате од неа. Ве поддржува кога ги регистрирате вашите чувства и со текот на времето околу тоа што треба да направите во врска со нив. Финиот човек не сака да го „расипе моментот“ и ви ја одржува удобноста. За него, нема ништо понепријатно од болка. Може да ви каже просто да не мислите на болката, и дека така таа ќе 'исчезне'.
Грижливиот човек е до вас додека пловите низ разбрануваната ситуација. Доколку е сигурен дека можете да изградите вештини за да излезете на крај со неа, нема да се обидува да ве „спаси“ со тоа што ќе ја анулира. Финиот човек не може да поднесе да минувате низ нешто толку тешко, па ќе побрза да ве спаси. Она што финиот човек го заборава е дека ви ја одзема силата која ви е потребна за да се соочите со предизвиците, од волјата да се прилагодите и да станете поотпорни, како и од потсетувањето на големите нешта кои можете да ги постигнете без оглед на ситуацијата.
Грижливиот човек ве потсетува на внатрешната локација на контролата, на вашата улога во однос на резултатот. Ако сте доволно мудри ќе ја преземете одговорноста и ќе се однесувате на тој начин. Токму од тоа место можете јасно да согледате што треба да направите. Финиот човек ќе ви даде причини зошто она што го искусувате не е ваша вина и како истото може да им се припише на властите, економијата или на што и да е друго. Тој разбира дека сте добар човек и дека животот не е фер кон вас.
И кога ќе започнете нов голем проект, љубезните луѓе ви велат да ги изнајдете сите можни начини за тој да биде завршен, да го одберете најдобриот и да бидете флексибилни доколку е потребно менување на насоката во текот на патувањето. Тие ќе ве предупредат колку сето тоа може да биде ризично и ќе ве потсетат на храброста и на силата која ја носите со себе. Фините луѓе исто така ќе ве потсетат на ризиците, но ќе ви кажат да ја поставите пречката подолу - барем засега - за постигнувањето да биде полесно. И вие знаете дека ви мислат добро.
Кога барате повратно мислење, грижливиот човек е топол и конструктивен. Но не ви премолчува. Тој разбира дека процесот на барање мислење значи дека имате доверба во него, доволно за да ја слушнете вистината дури и ако таа ви го срони бисерот. Финиот човек нема да сака да ви ги повреди чувствата, и исто така ќе ви даде топло мислење. Но само она доброто. Тој не ја согледува својата одговорност да ви го каже „лошиот“ дел. Претпоставува дека на крај ќе го слушнете, можеби од пазарот, од оние за кои работите или од животот.
Ако треба да бирате помеѓу тоа да бидете фин и грижлив, второто е подобра опција. Крајната одговорност која сите ја имаме е да бидеме грижливи.