Во 1872 Едвард Мејбриџ успеал да ја направи славната серија подвижни фотографии на коњ во галоп. Тие, меѓу другото, еднаш засекогаш разрешија една важна дилема: дали животното некогаш ги крева сите четири нозе од земјата (ги крева). Сега, Сет Шипмен од медицинската школа на Харвард му обезбеди бесмртност на тој ист растрчан коњ, на нов и многу поразличен медиум: геном на бактерија.
Шипмен енкодирал gif од коњот на Мејбриџ во ДНК, а потоа ги вметнал нејзините нишки во Ешерихија коли. Тоа го направил со помош на CRISPR, револуционерна молекуларна алатка за едитирање гени, преку сечење нишки ДНК на точно одредени локации. Всушност, таа „алатка“ си постои во самите бактерии, кои ја користат како еден вид древен имунолошки систем за самозаштита. Овој метод за различни истражувачки цели е користен и претходно, но притоа често се забораваше дека тој е корисен и за снимање информации. Шипмен едноставно ги претворил бактериите во живи хард дискови или „магацини“ за складирање дигитални податоци.
(лево - оригиналот, десно - сликите реконструирани од бактеријата)
Истражувачите објаснуваат дека изборот на „филмот“ на Мејбриџ бил направен поради неговата едноставна структура од пет кадри, како и поради историската симболика, фактот дека бил еден од првите примери на подвижна слика регистрирана со технологија која била многу напредна за тоа време, исто како што употребената техника за овој проект е напредна за нашето. Ултимативната цел сепак не е да се продолжи со складирање на сè и сешто во бактерии (од видеа со Џастинг Бибер до цела Википедија), туку клетките да се претворат во живи „снимачи“ на информации за кои и не знаеме дека постојат, на пример мерење на токсични материи во воздухот.
Употребата на „изумот“ секако може да биде и покреативна - енкодирање тајни пораки во микроби како нова шпионска практика или правење генетска „тетоважа“, енкодирање на вашето име во туѓа ДНК. Ова е можеби подалечна иднина, но првиот чекор е направен - да се покаже дека клетките можат да складираат значајно количество информации.
Во моментов компании кои прават ДНК по нарачка, како Твист Биосајенсис, веќе ја продаваат како складишен простор. Но тоа е многу мал дел од нивниот бизнис, само 5%, заради високите трошоци. Ќе помине многу време пред ДНК да стане компетитивна со традиционалните методи на складирање податоци. Но долгорочните добри страни би можеле да бидат огромни - соодветно складирана на суво и студено место, ДНК може да чува податоци најмалку 100.000 години.
Резултатите од истражувањето објавени неодамна во списанието Нејчр тука.