Сите, вака или така, ќе умреме, но што ако знаеме дека постои таков ризик само врз основа на начинот на кој одиме, односно имајќи ја предвид брзината и изодената дистанца?
Нова студија, објавена минатата недела во списанието PLOS Digital Health, е базирана на податоци од над 100.000 Британци од огромниот британски проект UK Biobank, кој започнал со собирање здравствени и биометриски информации од учесници почнувајќи од 2006, а истите ќе ги следи уште 14 години.
Врз основа на еднонеделни сензорни податоци, истражувачите од Универзитетот Илионис дизајнирале модел кој се фокусира на два елемента - забрзувањето при одот и дистанцата која е помината во шестминутни интервали. Ваквиот период е земен предвид за да имитира претходен шестминутен тест на пешачење - нешто што вообичаено се прави во тек на систематски преглед за проверка на работењето на срцето и белите дробови, кога од пациентите се бара да чекорат со нормална брзина шест минути и потоа се споредува тоталната дистанца со стандардот за нивната возраст.
Предвидувањата за смртен исход на овој модел биле точни во 72% од случаите во период по една година, а 73% по пет години. Иако засега учесниците носат алка околу раката, сензорите кои се користат се речиси идентични на такви кои веќе постојат во телефоните и фитнес алките. Со оглед на тоа што ова е најдетална студија на ваква тема до сега, таа отвора пат еден ден ваквиот систем да биде вграден во мобилните телефони и да врши надзор на здравјето без да е потребна посета на доктор.