Во подрум на неугледна канцелариска зграда во Квинс во Њујорк е сместенa 70-метарска брзоподвижна лента, наречена „сортерот на Лингсо“. Машината ги скенира бар-кодовите на илјадници книги на час, и ги исфрла во кутии кои потоа си го наоѓаат патот кон ограноците на Њујоршката и Бруклинската јавна библиотека.
Вообичаената дневна доза обработени книги се движи до 40.000, и иако голем дел од работата е автоматизиран, еден чекор мора да се направи рачно - да се стави книгата во празното место во сортерот, со баркодот од вистинската страна, за да може да биде соодветно и прецизно прочитан. И за ова си има посебни „сортери“, група брзопотезни мажи и жени кои ја „хранат“ машината со книги.
Овој ноември по шести пат елитна единица од 12 професионалци од Њујорк се натпреваруваше со колеги од други држави кој процесира најголем број книги на час. Во случајов Њујорк против библиотечниот систем на државата Вашингтон, поточно на Кинг каунти, која прва во САД добила подвижна лента за сортирање во 2010.
Пред воведувањето на ваквиот начин на работа, сортерите и на најдобар ден не можеле да процесираат повеќе од 12.000 книги. Сега со лентата која се движи 1.5 метар во секунда целата работа делува како нешто помеѓу гимнастика и акробатика.
Во ова видео се гледа дел од процесот, и резултатот: 12.300 книги распоредени за еден час, што претставува неверојатни 96% искористеност на можностите на машината за Њујорчаните, 10.007 за Кинг каунти. Не е познато дали после целодневната работа на сортирање на некои од овие луѓе му е дојдено до книга.