Илија Тирицовски (103-та авенија, Канал 103)
А годинава убаво започна. Нов албум на Дејвид Боуви, со месеци ги чекавме тие 7 песни. Знам луѓе си одбројуваа, ко пред роденден. А роденден нему, 69 години, овоземски. Годинава сфатив дека со татко ми генерација биле. Никогаш не би ги поврзал. А авторитети, ко 2 магнетни пола. Овој пак, Боуви, никогаш не ми бил некој father figure. Напротив. Повеќе ко некој постар другар од маало. Оние кои во се први го пробиваат „мразот", а ти им се восхитуваш.
A денес супер ми тргна денот. После "задоволителен" број преслушувања дома во последните 7 дена, Blackstar може да стане музика за движење, заедно со останатиот дел од неговата дискографија. Намерно испланирав подолга рута, да имам време да го преслушам во целост, уште еднаш. Звук на нова порака ме прекина да притиснам старт. "Primi socustvo za David Bowie. Golem covek bese".
И тогаш Blackstar почна да добива друга смисла и друга димензија. Тоа не е албум, туку писмо. Тука си ја „распослал" душата, најотворено, најдиректно, за сè и со сè она што му се врти во главата на човек кој се подготвува да си оди. А Дејвид Боуви не е човек. Toj e Starman. Се вратил назад уште пред 3 години за да се прости. Ама нам, обичните патници во вселената, доцна ни текнуваат некои работи.
Патувај мирно Дејвид Џонс, долг е патот до крајот на вселената.
Бранко, Фолтин
Стармен не умира. Вселената ечи од неговата песна. Светот е посекси заради него. Светот е похрабар заради него. Светот се врти околку него. "Planet Earth is blue, and there's nothing i can do".
Heroes - кавер на Фолтин во живо на Канал 103
Јана Коцевска и Кика Леловац од Тиииит! (организатори на трибјутот за Боуви во МКЦ, 17 септември 2011)
Тиииит! Инк мислат дека Боуви беше вонземјанец. Друг човек како него на оваа планета не постои. Многу убави работи создаде и ни ги остави на нас смртниците. Кога виде дека не мрда светот на поарно, си отиде. Не знаеме точно на која планета отиде, ама се надеваме дека некогаш ќе ја посетиме, затоа што планетата од која доаѓа Боуви е со сигурност најфраерската планета што постои во целата галаксија! Фала му за сè што направи, фала му за тоа каков е...
Кика ја пее Fame на настанот:
Искра Гешоска
(Напишано на неговиот роденден, 8 јануари)
не можам да го замислам светот и неговата целовитост, неговата нужност за идентитетски преиспитувања, за отпор, за флуидност, за политичка артикулација преку артистичка, социо-културна имагинација, доколку не постои некој кој верува во постојана, онтолошка промена. не можам да го замислам светот без некој кој постојано се обидува да ги преиспитува неговите вредности, воспоставувајќи патеки помеѓу земјата и небото... на што ли ќе личеше овој свет без „марсовецот", кој преку своите дарови, преку своите мноштвени идентитети многу добро ја „компонира", репрезентира, и како некој рапсод ја пее согледаната распадливост, порозност, нудејќи постојан пркос, стилски совршено бунтовништво и можност за поинакво наличје... единствен... мојата најголема провокација, мојот најверен патоказ...
(Напишано на 11.01)
...како ли сега понатаму... последното утописко уточиште замина онаму каде што припаѓа... и нѐ остави без надеж дека барем во него, во неговиот хераклитовски идентитет, ќе ја имаме сликата дека нештата можат да се менуваат... ни го понудуди очовечен сонот за бескрајот, ни ги покажа од човечка перспектива библиските димензии, ни дошепна дека Марс се наоѓа во нас а не некаде другаде, ни покажа што значи да се има интегиртет, нѐ учеше што е визија, посветеност, нѐ ставаше во казанот на идентитетските и културните искушенија, нѐ тераше да пркосиме на она што е наметнат културен код... нѐ научи да се бориме за промени... најважно од сѐ ни покажа дека херојство не е некоја си мистична категорија, туку дека херојство е барем еден ден да пливаш како делфините што пливаат, еден ден да љубиш онаму каде што е забранета љубовта... ни покажа како се сонува постојано со отворени очи... тој веруваше... во сѐ она во кое ние не знаевме дека е за верување... веруваше исконски наместо нас... сега ќе мораме сами да се потрудиме... ако можеме...
Ненад Георгиевски
(неговиот осврт за Блек Стар на allaboutjazz тука)
Малкумина можат да се пофалат со уметничка кариера којашто го има променето текот на музичката историја неколку пати, на начин на којшто тоа го направи Боуви. Легенда уште за време на животот, тој има поразновидна и повлијателна патека отколку кој и да е друг изведувач во популарната музика. Тој беше секогаш модерен, на ист начин како што Пикасо или Мајлс Дејвис беа модерни. Големиот број промени му беа како крвоток, и служеа како станици на неговата еволуција како уметник. Но погрешно го нарекуваат камелеон – камелеонот се претопува во средината во која е, а Боуви баш и не се претопувал. Напротив, се истакнувал. Шармер и господин, мистик и светец- така ќе го запамтам човекот.
Марија Милошевска (дизајнерка на наградата за животно дело којашто летово му беше доделена на Боуви на Skopje Cinema City - Фестивал на музички документарци)
Наградата не ми е прво искуство поврзано со Дејвид Боуви. Пред некоја година учествував на конкурсот за најдобар омот за албумот "the next day" во организација на MENART Србија. Во 2014год. во Хрватска го запознав неговиот личен фотограф Брајан Рашиќ и од возбуда му дадов една трзалица да го поздрави Боуви.
Минатата година организаторот на Skopje Cinema City ми се јави 3 дена пред почетокот на фестивалот и ме праша дали би можела да изработам награда во вид на грамофонска плоча за животните заслуги за Дејвид. Тоа ми звучеше уште пошокантно, бидејќи за 3 дена требаше да направам, ни помалку ни повеќе, туку награда за животно дело лично за Дејвид Боуви?!!
Шок, параноја и возбуда ме обзема тогаш. Универзумот комуницираше со мене и не ми даде да направам грамофонска плоча. Го изделкав Дејвид, статуетка-маска во која се крие херојот со сите негови ликови. Статуетката е предадена кај десната рака на Боуви и потврдено е дека ја видел и дека се заблагодарува.
Не сум сигурна за трзалицата дали стигнала до неговите раце, ама и тоа не е толку битно сега...Oh! you pretty things....
Викендот го минав со ★, новиот албум на David Bowie, на repeat. Го слушнав минимум дваесет пати, уживајќи во музиката и борејќи се со текстовите. Имав чувство дека станува збор за концептуален албум, но немав идеја што е концептот. Го споредив со Earthling и Outside по својата радикалност, со Station to Station по својата музикалност. Се обидов дури и да напишам осврт за албумот, но ми фалеа зборови.
Утрово се разбудив и сè ми стана јасно - ★ бил музичкиот епитаф на Bowie. Одеднаш, Lazarus стана најтрогателното опело што сум го слушнал, а стихот 'if I never see the English evergreens', одекна со тажна конечност. Дизајнот на книжулето со текстови, црн текст на црна позадина кој може да се прочита само под силна светлина, доби посебна убавина кога сфатив дека ова се последните зборови на ѕвезда која се гаси.
Го пуштам албумот уште еднаш, првпат откако David Bowie не е меѓу нас. Се навраќам на сите моменти од мојата дружба со него, од хипнотизираноста во летото 1993 кога три часа не престанав да ја вртам Space Oddity на вокмен, преку шокот кога првпат го слушнав френетичниот ритам на Earthling, па сè до воодушевеноста кога во 2005 конечно успеав да го видам Белиот Војвода во живо. Знам точно каде бев и со кого ги доживеав овие мигови, кои денеска стануваат многу повеќе од обични сеќавања. Погледнувам кон небото, и се насмевнувам со благодарност кон една голема, безвременска, црна ѕвезда.
Moondust will cover you...
За крај, дел од енциклопедискиот текст за Боуви на Вангел Башевски - Барми (ВББ) објавен по повод спомнатиот трибјут, со интересна завршница.
„Боуви имав прилика да го видам и во живо во далечната 1997, во склоп на фестивалот Sziget во Будимпешта (таа година имаше многу добар line-up: Bowie, Motorhead, Toy Dolls, Chumbawamba, Rollins Band, Cardigans, Faith No More, оние мајмунине dEUS и др.). Памтам како туркајќи се низ огромната гужва за да стигнам во првите редови да го видам Боуви, со своите мартинс број 47 згазив една преубава Маѓарица у сандали (а згодни се ептен, мислам Будимпешта ти е празник за очи, она цициња, миничи и сл.). Така да иам проблем со големиот број на обувки (пераји) и стално коа идам низ гужви мислам дека некого сум згазил. Будимпешта стварно велелепен европски град, али гнаси се у однос со туристи, никој не збори англиски, се понашаат ко идиоти, па иако неаме отворени билатерални прашања, поише не им идам кој ги ебе.
Но да се вратиме на темата. На мејн стејџот излезе главом и (без браде) Боуви у бело одело (к'о оној што пее „Вотка и џин, то је сада ин"). Луѓе почнаа да вриштат „Хоргош, мекеш, текеш, паприкаааш!". Беше нестварен, к'о Тито! Ма к'о Тоше (мада Тоше е стопути бољи, се разбира). Под нозе ни помина еден sub-bass звук БоууууММММ (тогаш Боуви твореше во духот на актуелната електронска музика, д'с- та- д'с-та- тантаранта- д'с- та „Лил уанда, Лил уанда ју, соу фа ауај, соу фа ауај, ју лил уенка" итн... На враќање нè малтретираа српските граничари, „скидај панталоне" и сл. Од толку наркоманишта, нас нè фатија, тотални стрејтери. Неќе среќа поштеног човека. Ќе ти ебам и Sziget и све. Но ете остана споменот дека сум го видел Боуви у живо, ако утре умре ќе можам да се фалам (скраја било).“