Во текот на Втората светска војна во прекуокеанските единици на американската армија имало забележителен недостаток од војници. Затоа во 1944 започнала кампања, поддржана од првата дама Еленор Рузвелт, да им се овозможи поголема улога на црните жени во американската армија. Пријавените поминале низ основна обука, а оние од постоечкиот Воен армиски корпус биле релоцирани на нова должност. Така е формиран батаљонот број 6888, или како што гласел неговиот прекар, „Сикс трипл ејт“.
Батаљонот ги напуштил САД на 3 февруари 1945, со брод кој пристигнал во Глазгов на 12 февруари. По пат тие за малку ќе пресретнеле неколку германски бродови, но успеале да ги одбегнат со маневрирање. Од Глазгов заминале за Бирмингем каде се построиле пред неколкумина генерали, но и пред одговорниот за организацијата на поштенските пратки.
Всушност, ова била и главната и мошне значајна задача на овие жени. Со оглед на привршувањето на воените операции во Европа и блиската победа на сојузниците, приоритет бил даден на активното војување. Но фактот што војниците долго време не добивале пошта и таа само се трупала по складиштата го намалувала нивниот морал. Се проценува дека дури 17 милиони пратки биле заглавени со месеци.
6888 креирала сопствен систем за излегување на крај со оваа ситуација. Биле направени индекси на оние кои имале сосема исти или слични имиња и презимиња, користејќи ги воените сериски броеви за да се направи разлика. Ваквиот систем на крајот содржел дури 7 милиони картички. Се работело 24 часа, седум денови во неделата, во три смени, а секоја од смените процесирала околу 65.000 пратки кои завршиле кај војниците распоредени во Велика Британија и Франција. Батаљонот финализирал за три месеци нешто што требало да трае најмалку шест и се смета дека придонел за зголемување на поттикот и моралот на војската да го зададе конечниот удар.
Жените работеле и живееле во привремени дрвени бараки без греење, а офицерите живееле во три куќи спроти нив. Со оглед на расната сегрегација, жените од единицата спиеле и јаделе на различни локации од белите, машки војници. Некои од жените сведочеле дека локалците од Европа ги третирале подобро отколку луѓето дома и кога целата операција завршила со жалење се вратиле на старата ситуација и покрај тешките услови за работа кои требало да ги издржат. Во слабо осветлени простории тие сортирале пошта која понекогаш содржела само имиња (без презимиња), прекари и голем број вообичаени имиња како „Роберт Смит“. Имало и пакети со пити и друга храна кои мајките ги испраќале до нивните синови, а кои веќе биле расипани. Најтешко им било кога ќе дознаеле дека примачот на пратката во меѓувреме загинал.
Откако ја завршиле својата работа во Британија тие биле испратени во Руен, Франција, каде исто така расчистиле куп пошта собирана 2-3 години, со помош на француските цивили и германските воени затвореници.
Иако по завршувањето на војната членовите на батаљонот добиле неколку медали, поширокото признавање на нивните напори дошло дури 60 години подоцна. Во 2018 е откриен споменик на офицерката Черити Адамс Ерли, која го предводела батаљонот како прва црна жена-офицерка во Женскиот воен корпус, како и плоча со имињата на повеќе од 800 жени кои го дале својот придонес во оваа акција. На 14 март 2022 претседателот Џо Бајден потпиша указ со кој на батаљонот му се доделува Конгресниот златен медал. Наскоро на Нетфликс се очекува филм на оваа тема со Кери Вашингтон и Опра Винфри во главните улоги.