Речиси 60 години од антрополошката студија на работата, „Човекот како ловец“ на Ричард Ли, извршниот директор на Епл, Тим Кук, се соочува со горлив трудов проблем. После месеци планирање и одлагања, пролетта 2022-та, тој бил подготвен да побара од вработените да поминуваат неколку дена од неделата во канцеларија, во огромното седиште на компанијата. Набргу уследил протест. Група вработени под името ЕплТугедр, напишала отворено писмо во кое изразила незадоволство од планот на Кук. Во него, меѓу другото, се наведуваат аргументи за времето изгубено во патување до работа, потешкотиите во постигнувањето „силна концентрација“ во канцелариски контекст и инфантилната природа на ригидните работни распореди. „Престанете да нè третирате како ученичиња кои треба да бидат на одредено место и во одредено време и да си ја напишат домашната“, била нивната реакција.
Според Кал Њупорт, коментатор на Њујоркер, студијата на Ли од средината на векот и актуелната борба на вработените во Епл имаат доста заедничко. Ако внимателно бидат применети, антрополошките сознанија до кои дошол Ли можат да помогнат во разбирањето на фрустрациите кои ги засегаат не само нив, туку и милиони други умствени работници кои се чувствуваат исцрпени од својата работа.
Ли почнува со вообичаената претпоставка дека животот на собирачите и ловците претставува „генерално несигурна и напорна борба за егзистенција“, а потоа методично ги презентира податоците кои ја подриваат оваа идеја. Испаднало дека заедниците што ги проучувал се хранат добро, консумирајќи повеќе од две илјади калории дневно, дури и за време на една незапамтена суша во Боцвана. Подеднакво упадливо било и тоа дека тие работат помалку од фармерите околу нив. Тие минувале само десет часа неделно во прибирање храна, со дополнителни 20 часа посветени на други работи - што им овозможувало слободно време на претек.
Врз основа на ова истражување можеме да рекoнструираме нешто како длабока историја на човечкиот однос кон работата. Потоа можеме да идентификуваме точки во кои современиот канцелариски живот јасно се разликува од стиловите на работа кои веројатно доминирале во голем дел од нашето постоење на планетата. Разбирливо е дека луѓето се добро прилагодени на напорите што биле потребни во нашите први стотина илјади години постоење. Оттаму, би можеле да видиме од каде произлегува онаа нелагодност и стрес - од местата каде нашите современи работни места најмногу се разликуваат од нашето палеолитско искуство.
Паралелно со истражувањето на Ли, на истиот терен бил и уште еден млад антрополог, Џејмс Вудбрн. Бил тука со цел да го проучува народот Хадза, кој сеуште во голема мера зависел од лов и собирање како примарен начин на снабдување со храна. Тврдел дека заедниците на собирачи и ловци се потпирале на она што тој го нарекува „непосреден поврат“. Во таквиот систем „луѓето добиваат директен и моментален поврат од својата работа. Тие одат во лов или на берба и храната ја јадат истиот ден или во текот на неколкуте денови што следат.“
Ако прејдеме на сегашниот момент и го разгледаме секојдневието на нашите вработени во Епл, ќе откриеме ритам на активност кој е многу поразличен од оној на кој сме биле навикнати. Во модерниот канцелариски живот, нашите напори ретко кога вродуваат со награда веднаш. Кога ќе одговориме на мејл или кога присуствуваме на состанок, со тоа обично напредуваат, во фази, долгорочните проекти кои можат да траат со недели или месеци. Современиот работник исто така има тенденција да жонглира со многу различни цели во исто време, брзо шалтајќи се напред-назад помеѓу истите во текот на еден ден. Умот прилагодуван во текот на 100 илјади години за остварување на единствени цели, кои се адресираат една по една, често со јасна повратна информација за успех или неуспех на секоја поединечно, се наоѓа во неволја соочен со преполн имбокс пораки што се однесуваат на десетици неповрзани проекти. Друга точка во која се разликуваат раните заедници од нашите е степенот до кој интензитетот на работа варира согласно периодот од денот.
Статија од 2019-та година објавена во Nature Human Behavior, изработена од тим предводен од eволутивниот антрополог Марк Дајбл, опишува студија која имала за цел да примени ист стил на мерење на времето кој го направил Ли пред многу години. Дajблеовиот тим истражувал заедница на Филипини, која е многу погодна за споредба на различните модели на набавка на храна, затоа што некои од нив сè уште мораат во голема мера да зависат од собирањето и ловот, а други имаат прејдено на одгледување ориз.
„Групата на собирачи поминувала 40 до 50 проценти од денот во слободни активности, наспроти земјоделците кои за тоа имале само 30 проценти од денот“, сумира истражувањето.
Меѓутоа, во овие високи проценти недостасува една битна работа: како ова слободно време е распоредено во текот на денот. Дајбл вели: „Додека земјоделците работат монотна, континуирана работа, темпото во распоредот на собирачите е поваријабилно, со паузи кои ги релаксираат од нивните секојдневни напори. Ловот бара долго пешачење низ шумата, значи цел ден сте надвор, но со паузи. Со нешто како риболов, имате скокови, падови...само мал процент од времето го користите токму во риболов.“
Современите интелектуални работници усвојуваат фабрички модел, во кој секој ден се работи по определен број часови, со континуирано висок степен на интензитет, без значајни паузи. Наспроти тоа, еден собирач не би имал проблем да си дозволи попладневна дремка, доколку временските услови ја отежнуваат неговата работа. Кога на еден просечен вработен во Епл ќе му излезат од нигде-никаде два или три непланирани часа за опуштање во текот на еден работен ден?
За нештата да бидат уште полоши, паметните телефони и лаптопите дозволуваат преоѓање на границата на работното време, колонизирајќи ги вечерите и викендите кои во минатото беа строго предодредени за одмор. Во контекстот на собирачите и ловците, интензитетот на работа варирал во зависност од дадената ситуација. Денес овој ритам е заменет од истоштувачката култура која подразбира дека треба да бидеме секогаш достапни.
Може со сигурност да се претпостави дека кога Ричард Ли патувал во Калахари, маките на канцелариските работници никому сеуште не му паѓале на памет. Наместо тоа, тој настојувал подобро да ги разбере активностите при ловењето и берењето кои доминирале во човечкото искуство во најголем дел од историјата. Сепак, еден ваков осврт кон еволуцијата на човечката трудова дејност изгледа како добар пристап за постигнување на целта, подобро да се разберат структуралните прашања кои моментално ги засегаат различните сектори.
Оттаму, ако сакаме да ги замениме важечките конвенци со нешто поисполнувачко и поодржливо, има смисла да се почне со поставување на фундаменталните прашања за тоа што значела работата во поголемиот дел од човечката историја. Кога еднаш ќе го разбереме степенот до кој нашите умови се прилагодени на принципот на „непосреден поврат“, преку варијации во темпото и многу вештина, нашата фрустрираност од долгите денови полни со френетично пишување мејлови и состаноци што ни го јадат распоредот одеднаш има смисла. Направени сме да работиме. Ама, не вака!