Монохроматски и топли - вака се опишани сликите на Вернер Хертл, кои изгледаат како дела на раната фотографија или на графиките полни детали на Албрехт Дирер. Техниката која тој ја има одбрано нуди голем број можности, еколошка е, бесплатна, а материјалите за неа - кравји лепешки - ги има со лопата да ги ринеш во подножјето на Алпите, каде живее уметникот.
Хертл е илустратор, сликар а понекогаш и сточар од Баварија во јужна Германија. Својата уметност ја нарекува Kuhmistkunst, или уметност на кравји лепешки.
Во интервју за Атлас Опскура тој објаснува како воопшто дошол до оваа идеја. Чистејќи измет во шталите со шмрк, сфатил дека станува збор за густа паста која добро се лепи за површините, а на материјали кои апсорбираат остава и боја на површината. Истовремено, лесно се обликува и суши. Почнал да експериментира на различни видови хартија, платно, пластика, дрво и метал. Првата успешна слика му се викала - „Срање“, а на неа се нацртани нешта за кои авторот смета дека се такви - џипови, Дедо мраз, различни логоа на компании итн. Но потоа почнал да слика убави сцени, како стари селски имоти, пејзажи и „портрети“ на крави.
Местото кадешто живее нуди голем број можни мотиви, а го нарекуваат „Баварска сликовница“. Сепак, и тоа не е имуно на притисоци за градење на празните површини, и замена на индивидуалното сточарско производство со индустриско. Сепак, кравата е симбол на начинот на живот на овие луѓе, животно што, според Хертл, ја симболизира и нашата цивилизација. Како контраст на употребаа на измет за слики, тој понекогаш додава златни ливчиња, а техниките кои ги употребува знаат да бидат референца на старите мајстори, на пример на Рембрант.