Најважниот (и најкнижевниот) оброк во денот

Пандемијата, меѓу другото, го редефинира појадокот, како оброк на кој конечно можат да му се посветат оние кои се во изолација или кои работат од дома. Иако нема голем број готвачи со рецепти кои можат да помогнат во негово осмислување (како појадокот да не може да е креативен), истото можат да го направат романи, биографии и мемоари.

Гери Штејнгарт, американски сатиричар роден во некогашниот СССР, во својот мемоар „Мал неуспех“ на овој начин го опишува стандардниот американски појадок: „Житариците се, на некој начин, храна. Вкусот им е зрнест, лесен, со нишка на лажна овошност. Нивниот вкус е всушност вкусот на Америка“.

Но не сите уметници го почнуваат денот со нешто „лесно“. Во дневнички запис од 1983, Ричард Бартон напишал за Елизабет Тејлор дека „смрди на лук“, додавајќи реторичко прашање - кој (будала) јаде лук за појадок? Кога Владимир Набоков бил запрашан кој момент од минатото би сакал да е забележан на филм, неговиот одговор бил: „Херман Мелвил кога за појадок дели сардина со својата мачка“.

Во текст од Њујорк Тајмс за значењето на појадокот како утрински ритуал, но и како „топос“ во книжевноста, Двајт Гарнер пишува за склоноста на дел од Американците (како во неговата родна западна Вирџинија ) за појадок да јадат бисквити, нешто што е издигнато на ниво на култ. Најрадикален бил писателот (претставник на тн. „грит-лит“) Хари Крус (Harry Crews), кој во својата автобиографија „Детство“ напишал дека сакал да прави дупчиња во бисквитите и да ги полни со сладок сируп, да чека додека не се натопат, па потоа да ги „дави“ во уште повеќе сируп. Потоа врз нив ставал пржено свинско и целиот куп го делел со своето куче.

За мрсно покажувала интерес и Сузан Зонтаг, која според нејзините биографи некогаш знаела да спреми цело пакување сланина (не знаеме точно која грамажа, ама многу) и да го јаде само тоа, и за појадок и за вечера.

Што се однесува до јајцата, интересно е искуството на Габриел Гарсија Маркес, кога известувал како новинар од Куба. Забележувајќи дека кубанските домаќинки не ги сакале индустриски произведуваните јајца кои имаат вкус на „аптека“, креативните продавачи ги мачкале со измет од кокошки за да можат да ги продаваат по повисока цена.

Џејмс Бонд во романите на Јан Флеминг манијакално јаде пржени јајца за појадок, до толку што тоа претставувало безбедносна закана - доволно било оној што го следел да влезе во ресторан и да праша дали претходно таму имало муштерија што го јадел само ова.

А дека сепак сланината има предност пред јајцата (иако заедно чинат дијалектичко единство) покажува оваа песна на Хауард Немеров:

СЛАНИНА И ЈАЈЦА

Кокошката се труди,
ама прасето дава сè од себе.

8 мај 2020 - 11:27