Кампување пред продавници, размена на тупаници со конкуренти за глуп фен или миксер, сцени како од апокалипса за тоалет хартија. Сето ова веќе сме го виделе на глобално ниво, но ништо не укажува на тоа дека нема да се повтори и овој „црн петок“.
Но наспроти сите тврдења дека ова е резултат на современиот капитализам, сепак не станува збор за модерен феномен. Повеќе од еден век купувачите имаат правено стампеда за популарни празнични подароци, понекогаш со трагични последици.
Така, во 1883 организаторите на панаѓур во сверна Англија им ветиле на децата присутни на настанот дека ќе добијат играчка на излезот. Било планирано (од некој што очигледно не ја познавал доволно детско-потрошувачката психологија) сето тоа да се одвива во најголем ред и на секое дете да му се подаде играчка. Но одеднаш толпата од 1200 деца со трчање почнала да се симнува по скали. Проблемот бил што на самиот излез вратата била отворена навнатре и закочена за да не се враќа. Таа ги спречила децата да излезат, а толпата во скалите се заглавила. Среде сиот хаос, децата кои паднале биле смачкани или загушени. Во стампедото починале 200 деца. Кралицата Викторија објавила соопштение дека нејзиното срце „крвари за страдањето на толку голем број ожалостени родители“, а кутиите со играчки долго време потоа се уште стоеле крај вратата.
Во 1896, повеќе од 500.000 луѓе се собрале на ливада во Москва рано наутро за крунисувањето на царот Николај Втори. Толпата очекувала подароци, вклучително и перече и комеморативна шоља. Но набрзо почнале да се шират гласови дека нема доволно од нив за сите. Следела паника која резултирала со нешто што подоцна ќе влезе во историјата како трагедијата од Кодинка. Гневните „народни маси“, обидувајќи се да стигнат до куќичките каде се давале подароците, пцуеле, викале и се туркале. На крај биле преброени 1400 жртви, а 1300 биле повредени. Прославата сепак не запрела. Починатите биле просто тргнати од местото, па голем број присутни не биле ни свесни што се случило.
Во 1930-тите, стоковната куќа Итон во Винипег, Канада, давала попусти секој ден во јануари и февруари. Со оглед на тоа што станува збор за време на големата депресија, купувачите се ределе во долги редици за да купат по нешто, а истото го правеле и сопствениците на помали продавници, надевајќи се дека ќе можат купените предмети да ги препродадат. Муштериите биле многу агресивни, се мавале меѓусебно до бесознание, а онесвестените за да не прават гужва ги туркале во најблискиот лифт.
Ваквата ситуација во спомнатата стоковна куќа се повторувала со децении. Во 1950-тите, продавачите фрлале производи во гужвата за луѓето самите да се пресметаат меѓусебе кој ќе го добие.
Во август 1945, Втората светска војна била речиси завршена, па поради тоа што најлонот веќе не бил потребен за воени цели, производството на хулахопки повторно започнало (до тогаш жените дури и си исцртувале лажни хулахопки - види претходно тука). Медиумите со нетрпение го очекувале лудилото на жените кои во низок старт го очекувале пристигнувањето на чорапите во стоковните куќи.
Како што се очекувало, во текот на следните неколку месеци се грабале за хулахопките, и ништо чудно и да скинале голем дел од нив во гужвата. Вo Њујорк, 30.000 жени ги преплавиле продавниците, а во Питсбург 40.000 стоеле во ред за само 13.000 производи. Сепак, недостатокот од чорапи бил надминат - производството се покачило на 30 милиони месечно и наскоро имало доволно за сите.