Најлон чорапите во текот на Втората светска војна, како и голем број други производи, биле луксуз. Жените од друга страна не сакале да излегуваат со голи нозе, не само затоа што или кога студело, туку и од модни и други причини. Во 1941, ако младата Американка не носела хулахопки се сметала за „гола“.
Но некој креативен ум смислил решение - зошто тие да не се нацртаат? Ова се правело со потопување на црн чај или гар (остаток од запалено дрво) помешан со вода. Други варијанти биле цикорија (замената за кафе за време на војната) или сос од печено месо.
Девојките меѓу себе си знаеле која има мирна рака, па со моливче за усни или со „ајлајнер“ една од нив им нанесувала линии така за да изгледа дека носат чорапи.
Кружел и виц кој станува документ за оваа практика:
- Од што се плаши сопругата повеќе отколку да му најде трага од кармин на јаката на својот сопруг?
- Од тоа да му остави трага од хулахопка на грбот.
Осум денови по капитулацијата на Јапонија, американската компанија Ду Понт соопштила дека ќе продолжи со производството на најлон чорапи. Весниците паднале во екстаза со наслови: „Дојде мир! Чорапи на продажба“. Побарувачката била толку голема што уште во првата година фирмата ветила дека ќе произведе 360 милиони парчиња. Но недостатокот од суровини ја намалил оваа бројка, што довело до вистински бунт. Во еден момент 400.000 жени се наредиле во огромна редица за 13.000 чорапи кои стоеле на располагање. Избивале и тепачки за тоа кој да влезе прв, а внатре пак биле кршени полици и излози. Тие во историјата влегле запишани како „Најлонско востание“.