Осака е особено позната по две градби, градскиот замок и Шотено-џи (слика горе), првиот будистички храм на Јапонија. Обете се изградени од истата фирма, Конго Гуми, најстарата постојано активна компанија во светот.
Токму изградбата на храмот, нарачан од принцот Шотоку Таичи во 578-та година била поттик за нејзиното формирање. Тогаш во оваа земја доминирала шинто религијата и немала „мијадаику“ (дрводелци обучени во уметноста на изградбата будистички храмови). Принцот затоа најмил тројца вешти мажи од будистички крај кој денес спаѓа под Кореа. Помеѓу нив имало и некој по име Шигетсу Koнго.
Така, Конго Гуми продолжила да работи независно цели 1400 години, раководена од 40 генерации потомци на Шигетсу. Во моментот кога бил граден замокот во Осака, во 1583, фирмата постоела речиси еден милениум. Во вековите кои следеле тој бил често опожаруван и оштетуван, па фирмата просперирала поради овие големи реконструкции. Во меѓувреме граделе уште будистички храмови, барем до 20-тиот век, кога по Втората светска војна побарувањата за вакви објекти значително се намалиле.
Но фирмата не би опстанала толку долго да не била флексибилна. Веднаш се прешалтала на производство на - мртовечки сандаци! Владата го дозволила тоа, доделувајќи ѝ лиценца на вдовицата на Харуичи Конго, 37-иот раководител на фирмата, кој се самоубил поради финансиски потешкотии од 1920-тите.
Од 2006 фирмата е дел од градежната групација Такаматсу, а од oригиналното семејство останува само еден вработен - ќерката на 40-тата глава на семејството. Конго Гуми продолжува да го одржува меѓународното реноме, позната по своето високо ниво на професионализам и вештина во градежништвото.