Најстарата анимација на светот била направена на - керамички сад

Историјата на анимацијата обично се поврзува со 20-тиот век. Но цртежи на иранска вазна стара 5200 години можат да се сметаат за многу поран обид да се постигне истиот ефект на подвижна слика.

Уметноста на анимација денес се поврзува со големите студија како Пискар или Гибли. Но обиди за претставување на движење низ цртеж имало уште во антиката. Еден таков пример има во Шархри Сукте во Иран, локалитет кој е заштитен од УНЕСКО, стар повеќе од пет милениуми. Четири од нив поминал под слој прав и пепел, па оттаму е наречен уште и „Изгорениот град“. Но фактот што долго време бил недопрен од човечка рака значи и дека во него биле зачувани голем број артефакти.

Локалитетот бил откопан во 1967. Една деценија подоцна, италијански археолошки тим тука пронашол керамички сад чиј дизајн се смета за еден од најраните примери на анимација. Станува збор за пет цртежи кои прикажуваат козорог како скока за да ги дофати листовите од дрво. 

Неколку години подоцна, иранскиот археолог д-р Манус Саџади открил дека сликите се всушност поврзани и формираат серија. Нацртаното животно е од видот Capra aegagrus или персиски пустински ибекс (козорог), домородно животно во регионот кој оттаму и природно се нашло во иконографијата на Изгорениот град.

Денес садот е изложен во Националниот музеј во Иран, и тој не е единствениот кој е необичен за оваа рана цивилизација. Тука е пронајдено и првото вештачко око, со две дупки на обете страни и златна нишка која го држела на место. Тоа е пронајдено на скелет на женско тело на истиот локалитет. Ископувањата покажале најстари знаци на операции на мозокот, како и тоа дека жителите на Шахри Сукте играле табла или некој вид друштвена игра која вклучувала употреба на коцка. Цртежите пак на вазната покажуваат дека најстариот анимиран лик не е глушец, туку - коза. 

извор

13 октомври 2022 - 16:58