Питер Оксендејл е човекот на кого луѓето му се јавуваат кога сакаат да докажат дека една песна личи на друга. Њујорк тајмс го претставува како водечки светски „музички форензичар“. Негова задача е да анализира мелодии, од поп до класична музика, и да докаже дали се работи за плагијат или не.
Во професијата влегол случајно. Растен во пристаништен град во северна Англија, тој учел за наставник по музичко, но откако се јавил на оглас за „згоден клавијатурист“ („тогаш имав кул брадичка“, вели) почнал да свири со глам-рок ѕвезди и да оди на турнеи со нив. Мислел дека целиот живот ќе го помине во приватни авиони и луксузни хотели, ама се случил панкот. Тогаш Оксендејл се почувствувал како рокенрол фосил со долга коса, кој свири по пабови во петок навечер за да собере за џепарлак. Не можел дури ни да направи нешто незаконски за да го уапсат, и барем така да си ја спаси репутацијата.
Но кога еднаш се обидел да продаде песни на некоја издавачка куќа, главниот правник, откако сфатил дека овој има музичко образование, му дал случај кој вклучувал авторски права. Од тогаш, и следните 35 години, Оксендејл кој денес има 64 го градел знаењето во оваа област. Како што вели самиот, најдобрите лекции ги научил кога бил поразен во судница. Иако водел случаи кои вклучуваат голем број познати музичари, од Брус Спрингстин до Бјорк, него го консултираат и за такви кои немаат директна врска со музиката. Еднаш застапувал човек обвинет за убиство, а еден од аргументите на обвинителството бил дека тој имал рап бенд во чии песни имало многу насилство. Задача на Оксендејл била да докаже дека слични теми има во безброј рап песни, и дека тоа не е основа за некој да биде прогласен за убиец.
Колега на спомнатиот Оксендејл е Гај Протеро, музички директор на Англискиот камерен хор, познат диригент и аранжер за рок бендови. Тој во осумдесетите, за атер на пријателот Вангелис кој во тоа време бил обвинет за плагијат за „Огнените кочии“, го застапувал на суд, докажувајќи дека Вангелис ја напишал мелодијата многу пред онаа за која бил обвинет дека ја украл. Од тогаш почнал да застапува и други музичари, што заради истерување на музичката правда, што затоа што на тој начин е изложен на нова музика, како дабстеп или нешто што го чул само еднаш, а наводно се вика „бангра хард-кор“.
„Без оглед на стилот, треба да го имате истиот интелектуален пристап и да ја направите истата анализа за да сфатите дали тука некој некого копирал“, вели тој. „Тоа ми помага и во мојата сопствена музика, кога ќе слушнам нешто и си велам - никогаш не сум помислил да го направам тоа со инструмент’“.
Овие луѓе сега ја обучуваат новата генерација „форензичари“, со тоа што се случува тие да треба не да бранат некого од обвинение за плагијат, туку да обезбедат дека рекламните агенции нема да бидат тужени за мелодија слична на некој хит. Притоа тие најчесто се вадат на „инспирација“: „Не би имало Бетовен без Хајдн“, вели Оксендејл. „И кој би се откажал од оваа музика“.
Компилација на 46 примери на наводна кражба на музика:
Поврзано: Вејтс пак мрчи за авторски права