Според Вејтс најголемиот „комплимент“ кој современата култура им го прави на уметниците е нив да ги става во реклами, по можност голи, препелкајќи се на шофершајбна на нова кола. А нему некако некако му е промаја без шеширот.
До сега има неколку судски спорови на оваа тема, а е прв кој успешно тужел компанија заради користење имитатор (во случајот на неговиот глас) без дозвола и за тоа добил 2,3 милиони долари. Се тужел со Ауди, Опел, Левис, и секогаш добивал, а дел од парите давал за хуманитарни цели.
Неговиот најнов конфликт заради авторски права е со еден од омилените француски изведувачи, авангардната циркуска ѕвезда Бартабас Гневниот. Тој има ново шоу коешто се опишува како „коњичко-оперски балет“, под наслов „И ангелите ги убиваат, зарем не?“, во кое користи музика на Вејтс за да постигне „морничава“ атмосфера.
Токму заради музиката шоуто стана многу популарно кај емоционално начнатата публика во Париз по терористичките напади. Сега тоа би требало премиерно да се прикаже во Британија, па Вејтс одлучи да преземе мерки. Во претставата се користени ни помалку ни повеќе туку 16 песни кои се нејзино „наративно срце и душа“, а Бартабас (вистинското име му е Клемент Марти) го имитира Вејтс на сцената. Овој пак со жена му Бренан, ко-авторка на повеќето песни, побарале 500,000 евра компензација.
„Искрено, Франција е последната земја каде очекував дека ќе се соочам со ваква ситуација“, изјавил Вејтс. „Па тие имаат Министер за култура, по ѓаволите, имаат и морал и многу ги почитуваат, ценат и ги бранат уметниците“. (тука тивко кикотење на Уелбек, без копирајт)
Бартабас од своја страна тврди дека му се обратил на агентот на Вејтс за дозвола и дека веќе платил 400,000 евра. Тој се надева дека судската постапка нема да го спречи во тоа да донесе 30 коњи, 19 шлепери и да, музиката на Вејтс, на фестивалот во Единбург во 2017. Но Вејтс е решителен:
„Песниве не ги нашол како паднати гранки на плажа, тие се од добра фамилија. Моето име и мојата слика имаат вредност, мојот глас има вредност. Вредноста е културна, уметничка, лична, но и економска. Често, нештата кои се ретки, се повредни“.
Му се лутиме што ни го скина документарецот кој со толку љубов му го посветивме за 60 роденден од Јутјуб (Tom, We are Waitsing), ама има право. Можете да го замислите како рекламира Браво кафе?