„Последниот Вермер“ е американски филм од 2019 базиран на книгата на Џонатан Лопез од 2008, „Човекот кој сликаше Вермери“. Тој ја раскажува приказната за холандскиот Евреин, капетан Џозеф Пилер, кој на крајот на Втората светска војна, откако бил дел од отпорот во текот на германската окупација, се обидува да ги открие украдените уметнички дела од музеите и колекциите на својата земја. Тој добива дојава за слика на Јоханес Вермер, еден од најголемите уметници на тн. златно доба на Холандија, која била пронајдена во колекцијата на Херман Геринг. Патот води до Хан ван Мегерен, уметник и дилер кој му ја продал сликата на Геринг. Тој е обвинет дека продажбата била всушност перење пари, од кои се финансирала мрежата на германски шпиони во Европа.
Вистинскиот Ван Мегерен (1889-1947) дипломирал на Уметничката академија во Хаг, а подоцна бил и асистент на истата. Но поради ниската плата, Хан, како што му бил прекарот, цртал божикни картички, популарни мртви природи и портрети. Иако во меѓувреме стекнал извесна репутација, тоа сепак не било на за него посакуваното ниво. Критичарите му признавале дека стилoт многу му наликува на старите мајстори, но дека неговиот талент е ограничен на нивно копирање. Ван Мегерен одговорил со серија агресивни написи во месечно списание кое самиот го издавал. Во него тој го отфрлил модерното сликарство како „уметнички болшевизам“ (ова е во доцните 1920-ти), а неговите опоменти ги опишал како „лигава толпа женомразачи и љубители на црнци“. Негов симбол на меѓународниот пазар на уметнички дела бил Евреин со подвижен пиљарски штанд.
Наместо да се докажува како оригинален сликар, тој одлучил да ја искористи својата најголема предност и да направи пари од лажни старини. Ги усовршил хемиските и техничките процеси, купувал автентични платна од 17 век и изработувал четки со влакна од јазовец, исти како оние кои ги користел Вермер. За боите да се стврднат по нанесувањето и за сликата да изгледа постара, користел фенол формалдехид (бакелит), а потоа сликата ја „печел“ на 100-120 степени.
За развивање на методологијата му биле потребни шест години, за потоа да почне со сликање на веќе познати но и на измислени (наводно дотогаш непознати) дела на големиот холандски сликар. Експертите наседнале и нашироко пишувале за револуционерни откритија, потврдени и од тогаш постоечки доказни постапки, како анализа на олово, рентгентски слики и микро-спектроскопија на користените бои. Сите тие наводно укажувале на „автентичноста“. Со парите заработени на овој начин ван Мегерен купувал огромни имоти и водел луксузен живот - во еден момент поседувал 52 градски и 15 селски куќи, меѓу кои и цели палати долж каналите на Амстердам.
Во 1942, во текот на германската окупација на Холандија, еден од агентите на Ван Мегерен ја продал фалсификуваната „Исус со прељубничката“ (слика горе) на Вермер на наци банкарот Алојз Мидл. Тогаш здравјето на Мегерен веќе било нарушено, многу пиел и станал зависник од морфински апчиња, па техниката му била под вообичаеното ниво. Сепак, бидејќи сите оригинали на Вермер кои можеле да послужат за споредба биле засолнети за да бидат заштитени од воените дејствија, продажбата поминала. Геринг слушнал за ова и разменил 137 украдени слики токму за оваа. Ја скрил, заедно со 6750 други уметнички дела украдени од нацистите, во рудник на сол во Австрија, каде била пронајдена.
Но кога трагата ги довела сојузниците до Мегерен, тој тврдел дека сликата е негова, дека ги мразел нацистите и дека оттаму му било задоволство да ги „намести“. За да го потврди ова, додека бил во притвор, во присуство на новинари и сведоци одредени од судот, помеѓу јули и декември 1945 тој ја насликал „Младиот Исус во храмот“ во стил на Вермер. На судењето биле вклучени професори и експерти за историја на уметност и конзервација од повеќе земји. Откриено е дека сликите се навистина премачкани со бакелит, кој бил откриен во 20 век, што било доказ дека тие не се автентични. Ова, како и другите докази, довеле до многу пониска казна (само за фалсификување и измама) за сликарот кој од тогаш станал народен херој - некој кој успеал да го прелаже непријателот. Но на последниот ден пред истекот на рокот за жалбата, односно еден ден пред да биде префрлен во затвор на издржување на едногодишната казна, тој добил два срцеви удара и починал, на 58-годишна возраст. По неговата смрт, судот одредил неговиот имот да биде продаден на аукција, а парите да бидат употребени за отштета на излажани купувачи.
Сепак, до денес неговиот лик и дело се контроверзни, поради еден детал. Пронајден е примерок од авторска книга на ван Мегерен, испратена на Адолф Хитлер, со посвета на германски: „На мојот сакан Фирер, во знак на огромна благодарност“ и со своерачен потпис на еден од најголемите фалсификатори во историјата на уметноста.