За „Господинот“ од авторката на „50 нијанси сиво“, Е. Л. Џејмс (Софи Гилберт во Атлантик)
Не е само до тоа дека Господинот е лоша книга. Таа е толку лоша што изгледа дека предизвикува дефект во континуумот на време-просторот, пополека, како што зборовите на страницата се преметнуваат во калеидоскопски фрагменти на повторување и рекламирање производи...Едно позитивно нешто кое може да се каже за неа е дека главно се држи подалеку од садо-мазохистичкиот секс, и не ги дезинформира милионите читатели за динамиката на согласноста. Внатрешните доживувања на главниот лик, Максим, се претставени на цели 500 страници, но и покрај тоа тој е „здрвен“ и без шарм како наткасна. Џејмс го задржува својот капацитет да опише сексуални сцени кои траат со илјадници зборови, но не без притоа да вклучи изрази кои прават вие, како читател, да сакате да си го спржите мозокот.
„Бубашваба“ од Јан МекЈуан (Двајт Гарнер во Њујорк Тајмс)
Младиот МекЈуан, авторот на новели помрачни од мракот, човекот кој се здоби со прекарот Волшебниот Јан, порадо би си ги изел сопствените прсти отколку да напише ваква книга. Тој не е глупак - на почетокот успева да извлече неколку луциднички моменти. Но откако еднаш ќе ја вопостави својата премиса, „Бубашваба“ застанува. Таа се претвора во самозадоволно коментирање на теми како Твитер или жолтиот печат. Литературните референци се напувани и измачени. Идејата за пишување на оваа книга веројатно изгледала добро некое утро под тушот. Подоцна, после кафето, на МекЈуан требало да му текне дека да сугерираш дека твоите непријатели се бубашваби значи да се симнеш на нивното ниво - да лазиш по тепихот.
За „Знаеш дека го сакаш ова“ од Кристен Рупениан (Пол Сегал во Њујорк Тајмс)
„Педофилија, некрофилија, киднапирање деца, убиство на дете, масовни убиства - што и да е на менито на нашите стравови и мрачни фантазии; сето тоа е тука. И чуму? Ова е здодевна, истоштувачка книга. Желбата да се биде шокантен, наспроти љубопитноста за физичките и етичките прагови - резултираат со провокација од крајно банален вид. За Рупениан ова е само каприц на нејзината фантазија, за она со што може да се извлече. ЛИковите остануваат заробени во нивните патологии; завесата паѓа пред воопшто да се запрашаме - И што сега?“
За „Боб Хани го пее Џими Крек Корн“, роман од Шон Пен (Рин Фертел во The AV Club)
Небесата нека ни се на помош, Холивуд нека нè помилува, Шон Пен напишал уште еден роман, продолжение на минатогодишниот, „Боб Хани кој само прави нешта“. Уште повеќе садизам, дрога, пинчоновски теории на заговор, детинести описи на женска анатомија, уште повеќе расизам кој е маскиран како храбар хумор. До крајот на книгата сигурно ќе ве здоболи глава. „На критичарите на претходната книга, неколкумината кои ја разбраа и многумината кои никогаш не ја прочитаа“, пишува Пен на почетокот од книгата. „Без вас сигурно ќе ја оставев машината за куцање засекогаш“. Штом е така, велам - во име на книжевноста, аман, прочитајте ја книгава, зошто ако не, тогаш Пен може ќе напише уште една.
Уште остри критики на 2019 тука
Ако знаете за некоја наша, не мора ни толку остра, јавете.