Роден четири дена по падот на хунтата, тој сега има задача истата таа земја да ја извлече од работ на економскиот амбис. Ние му посакуваме среќа, а кога ќе стане премиер да ни памти дека тоа било така.
(текстот во оригинал е објавен во германскиот неделник Der Freitag)
Одличното расположение на Петер Алтмаер (CDU - Христијанско демократската унија) изгледа дека ништо не може да го поремети. Пред два часа е избран за нов министер за екологија, потоа даде кратка изјава за новинарите, а во моментов му честитаат разни дописници задолжени за известување од Парламентот. Секој поединечно, со обврзно ракување. Тој и неговите соработници стојат во тесниот ходник кој води кон работните простории на Парламентот. Еден човек му довикува: „Потребни ни се 10 минути за Грците!" - и насмевката исчезнува од неговото лице. „Како? Морам да разговарам со Грците? Никој не ми кажа ништо за тоа". Не, не, само членовите на „конкурентската“ Ди Линке (левичарска партија застапена во германскиот парламент) бараат канцеларија за да разговараат со Алексис Ципрас. Се гледа дека на Алтмаер му олесна.
Ужасот на Алтмајеровото лице го отсликува стравот кој постои во целата ЦДУ - од репутацијата на Ципрас и неговата лева коалициција Сириза, која стана втората најјака политичка опција во Грција. До овие избори таа имаше 4,6% поддршка, а името на Ципрас беше малку познато вон Атина. Растот на поддршката на 17% и неуспехот на разговорите за формирање на влада го променија тоа. По изборите закажани за 17. јуни Сириза би можела да стане најсилната партија во Грција, што од овој 37-годишник би направил премиер. Оваа можност, благо кажано, ја вознемирува Европа.
Ако тој дојде на власт, прво ќе ја прекине исплатата на долговите и ќе ги прогласи за нелегитимни пакетите кои се испреговарани со голема мака. Освен тоа, најави дека ќе отпише голем дел од грчите долгови и дека ќе ги национализира банките. Неговите критичари го обвинуваат за левичарски популизам и тврдат дека оваа политика би значела крај на Грција во Еврозоната и би довела до несогледливи последици и за Грција, и за ЕУ. За оние кои се залагаат за штедење Ципрас стана „најопасниот човек во Европа".
Во Грција, каде во текот на кризата голем дел од граѓаните се доведени до граница на издржливост, Ципрас е славен како херој - некој кој се осуди да се спротивстави на диктатурата. Тој добро изгледа, на бирачите им се допаѓа неговиот младешки шарм, неизлитените и јасни изјави. Тој е она што Грците го нарекуваат „паликари", момче кое не се плаши од авторитет. Неговите изјави осцилираат помеѓу класната реторика и дипломатските формулации. Тој зборува за „војната помеѓу пазарот и народот" и трезвено укажува на неуспешноста на досегашните мерки на штедење кои го создадоа магичниот круг на долгови. Голем број бирачи од центарот го дадоа својот глас на Сириза. Некои мислат дека Ципрас блефира, за во евентуалните нови преговори да избори што подобар исход, затоа што тој тој не го доведува во прашање останувањето на Грција во еврозоната, за разлика од другите леви радикали.
Затоа тој радо укажува на неодамнешната изјава на Ангела Меркел, која рече дека нема да остави Грција да пропадне, затоа што пазарите веднаш би барале следна жртва во еврозоната. „Јас никого не уценувам, туку сум загрижен за европската идеја", додава Ципрас.
Фактот дека минатиот вторник, веднаш по посетата на Париз дојде во Берлин, можеме да го сфатиме како демонстрација на неговата самодоверба. На повик на Ди Линке тој ќе се обиде да ги промовира своите идеи во земја која како ниту една друга инсистира на политиката на штедење. ЦДУ забрзано порача дека не сака да разговара со новата ѕвезда на левицата, додека СДП е неодлучна.
Ципрас без оглед на тоа привлече големо внимание, а посебно ја сака играта со медиумите. Штом се вклучија камерите, на неговото лице се рашири насмевка, малку чудна но на фотографиите многу привлечна.
Пред салата на Линке толпа новинари. Грегор Гиси, шефот на партијата во Бундестагот, притрчува кон гостинот од Грција. Како поздрав еден виц: „Денес на гости не ни е само најдобриот грчки политичар, туку и најубавиот. Заради мене не доаѓаат толку камери.". Ципрас стои пред него и се смешка, без преведувач, иако не разбира ниту збор.
Кога влезе во салата го дочекува долг аплауз - од левичарите, кои на изборите долго не биле вака успешни како тој. Во текот на аплаузот еден постар човек мрмори: „Постојано славиме поединци, тоа нема да ни донесе ништо добро.". Ципрас љубезно се заблагодарува на топлиот прием. Зборува за солидарноста помеѓу народите, кои не смеат да дозволат некој да ги сврти еден против друг. „Оваа борба ја водиме и за германските работници", извика повторно докажувајќи се како талентиран говорник, кој својата реторика успешно ја прилагодува на секоја ситуација.
Како воопшто Алексис Ципрас стана политичар? Роден е 1974. година, четири дена по падот на воената хунта, во прилично аполитично семејство. Привлекол внимание кога како 17-годишник организирал ученички протест. „Стана водач на неколу стотини клинци кои немаа појма заради што протестираат", се сеќава за неодамнешниот прилог на Би-би-си Ципрасовиот соборец од тие денови. Ципрас тогаш се покажал не само како професионалец во контактот со медиумите, туку и како непопустлив преговарач со министерот за образование. Фактот дека како ученик успеал да се избори за отстапки на владата на него самиот оставил силен впечаток.
Запишал градежен факултет и продолжил да се занимава со политика: како член на студентските здруженија и како функционер на Синасписмос, сојузот на Комунистичката партија и грчката левица. На слика од тоа време можеме да го видиме Ципрас како седи на едно ритче, со коса до раменици, која ветерот му ја фрла во лице, со насмевка на незаматен оптимизам, цврсто уверен дека светот едвај чека тој да го спаси. Во 90-тите протестирал против глобализацијата и неолибералните реформи. Заедно со својот политички татко, Алексос Аванос, бившиот претседател на Синасписмос, Ципрасовата политичка кариера напредувала со голема брзина. Во 2006. е избран во атинското собрание, каде изградил име како политичар близок со граѓаните, кој не пропушта ниту едно соседско славје. Во 2008. следеа избори за шефот на Сириза, и во 2009. влегува во Парламентот.
Наспроти тоа, Ципрас би останал прилично непознат грчки политичар ако неговите уверувања не се поклопија со моменталната ситуација во Грција и Европа. Минатата година, додека кризата уште ги немаше целосно исцрпени Грците, Ципрасовите радикални барања ги одбиваа бирачите. Но не се смени само тоа. Се смени и политичката клима во Европа, што најдобро се гледа од резултатите на претседателските избори во Франција, и победата на Франсоа Оланд. Успехот на Ципрас во голема мерка може да се објасни со тоа што тој се има најдено во вистинско време на вистинско место.
Пред доаѓањето во Берлин, Ципрас во интервју за Њујорк Тајмс нагласи дека Ангела Меркел е „екстремно изолирана", препорачувајќи и да се угледа на програмите на Барак Обама за поттикнување на растот. Со широка медиумска офанзива Ципрас погтовува терен за нови преговори. Дури и конзервативниот Ди ВЕлт призна дека Ципрас сфатил важна работа, а тоа е дека во „новата убава Европа не постои внатрешна политика, туку мора да се делува на европско ниво ако сакате да спроведете одредена политика во својата земја".
По средбата со германските левичари, Ципрас продолжи понатаму, на конференција за новинарите. Шефот на Ди Линке, Клаус Ернст и Грегор Гиси сакаат нивнито гостин да го претстават на медиумите во главниот град, за неговиот гламур да ѝ помогне и на нивната партија, во која овие денови беснеат големи внатрешни судири. ПРед синиот ѕид предвиден за сликање, Ципрас стои меѓу нив двајца. Тие личат на шефови на некој фудбалски клуб кои објавуваат дека потпишале договор со голема ѕвезда. „Не сум јас во главна улога, не е тоа ни мојата партија, туку грчкиот народ", почнува Ципрас скормно.
„Резултатите од штедењето се катастрофални, неопходно е да се спречи катастрофа во Европа. Молиме за солидарност на францускиот и германскиот народ", веднаш нудејќи и аргумент дека тоа е и во корист на Германците. „Колку долго сакате да фрлате пари во буре без дно?". Можеби делува како реченица од Тил Саразин, но кога ја изговара Ципрас, таа има сосема поинакво значење. Тој не бара повеќе пари, туку поинаква распределба.
Како ќе изгледаат реформите ако тој ја преземе власта? „Верувам дека избегнувањето на плаќање данок не е работа на гени, ниту пак дека сивата економија е дадена од Господ". Тој сака даночниот систем да биде поправеден и да ги зголемува државните приходи. „Медиумите често не опишуваат како партија која сака да ја уништи Европа, но ние сме проевропска партија. Тие кои водат вистинска антиевропска политика во моментов не се на власт."
Ципрас бара разбирање, а Германците ги смета за „постари браќа" и ги повикува ова лето да дојдат во Грција на одмор - но останува цврст во своите ставови. Нема отплата на долговите под овие услови. По еден час конференцијата завршува. Ципрас и Гиси влегуваат во автомобилот кој ги чека пред влезот. Право на состанок со Зигмар Габриел, шеф на СДП.
Таа вечер Габриел изјави дека Цирпас го убедил дека грчкиот народ треба сам да одлучи дали сака да остане во еврозоната или не, но дека без оглед на таа одлука, ќе мора да се придржува кон веќе постигнатите договори. Ципрас со тоа сигурно не се сложил.