Најочекуваните филмови на Канскиот филмски фестивал 2024

77-иот Кан се одржува од 14 до 25 мај, а претседател на жирито е американската режисерка и актерка Грета Гервиг. Програмата содржи големи холивудски премиери, но и „помали“ филмови кои можат да изненадат.

Овогодишната програма на Канскиот филмски фестивал вклучува холивудски премиери како „Фуриоза: сага за Лудиот Макс“ со Ања Тејлор-Џој и Крис Хемворт, првиот филм на Кевин Костнер од планирана серија од четири дела, „Хоризонт: американска сага“, долгоочекуваниот „Мегалополис“ на Френсис Форд Копола (види претходно тука) и „Видови љубезност“ на Јоргос Лантимос. 

Ним им се придружуваат нови филмови на Дејвид Кроненберг, Али Абаси, Паоло Сорентино и Оливер Стоун. Накратко, од 14-25 мај во Кан ќе има јака програма и голема конкуренција. 

Еве ги кратките синопсиси на некои од најочекуваните наслови:

„Фуриоса: сага за Лудиот Макс“

Режисерот Џорџ Милер, кој иако има 79 години работи како да е безвременски (имаше 34 кога излезе првиот Мед Мекс), изгледа дека го дава најдобриот Мекс до сега, рокенрол еп кој ја опишува изворната приказна. 

„Феј“ 

Единствената „улога“ е на Феј Данавеј, која игра во документарец за нејзиниот живот. Ретроспектива после која, велат, гледачите ќе се здобијат со обновена почит кон оваа голема ѕвезда на светската кинематографија.

„Девојката со иглата“

Kопенхаген 1919-та. Млада работничка е невработена и бремена. Таа го среќава Дагмар кој води нелегална агенција за посвојување и помеѓу нив се раѓа силна врска. Режисерот Магнус фон Хорн е мајстор на раскажување, а филмот уште сега се спомнува како кандидат за некоја од наградите. 

„Хоризонт: американска сага - поглавје 1“

Филмот ќе биде прикажан вон конкуренција на 19 мај и ќе го тестира апетитот за филмскиот жанр кој всушност никогаш не е згаснат - вестернот. Продуценти се Варнер Брос кои вложија големи пари обложувајќи се на успехот на Костнер, кој во моментов е актуелен со вестерн серијата „Јелоустоун“.

„Американска комедија: направете Америка повторно да се смее“

Меѓу поконтроверзните филмови на Кан оваа година е портретот на Доналд Трамп, кинематографска сатира на политичкиот живот на поранешниот американски претседател. Во неа тој влегува во конфликт со други политички и верски лидери, од еден дебакл во друг. Филмот се фокусира на неговата посета на ЛА каде се обидува да си го подобри имиџот кај калифорниските гласачи. 

„Видови љубезност“

Новиот филм на Јоргос Лантимос ги вклучува истите актери со кои тој има соработувано и претходно - Ема Стоун, Џеси Племонс и Вилем Дефо. Ова е омнибус од неколку приказни, кои повторно завлегуваат и во надреалното - на пример во една од нив жена е во потрага по исклучителен човек за кого слушнала дека е познат духовен водач. 

„Партенопа“

За италијанско-францускиот филм продуциран и режиран од Паоло Сорентино, со Гери Олдман во една од улогите, нема многу податоци. Самиот режисер има изјавено дека тоа е име на жена „која не е ниту сирена, ниту  мит“. 

16 мај 2024 - 07:25