„Нема веќе цвркот“

Најмалерозната инаугурација на американски претседател

Одлука на организаторите од 1973 на положувањето заклетва на Ричард Никсон, довела до масакр на гулаби долж авенијата Пенсилванија.

Никсон имал две инаугурации - првата како 37-ми претседател на 20 јануари 1969, а втората во 1973. Обете биле обележани со малери кои влијаеле врз достоинството кое вообичаено ги придружува овие свечени моменти.

Во 1969 Никсон веќе бил под остри критики поради својата поддршка на Виетнамската војна. За да го искажат своето незадоволство, дел од присутните на неговото прво положување заклетва фрлале коњски лепешки врз гостите, а самиот Никсон бил гаѓан со домати и камења додека се возел до Белата куќа.

Кога добил втор мандат, тој се уште бил загрижен околу можни протести, но сега имал уште еден проблем - птици. Дрвјата долж авенијата Пенсилванија биле густо населени од летачки суштества чиј измет можел лесно да го погоди. Никсон наводно му наредил на комитетот за инаугурацијата од 1973 да испрска со средство под морничаво име Roost No More (слободен поетски превод - Нема веќе цвркот), хемиска супстанца која требало да ги избрка гулабите од областа.

Но средството било направено со полибитулен, лигава и леплива состојка која не се суши. Изумителот на „Нема веќе цвркот“, Џозеф Финк, ја испрскал целата авенија Пенсилванија, од Белата куќа до Капитол пред инаугурацијата на 20 јануари. Претходно, за да добие одобрување за користење на спрејот, испил течност пред здравствените инспектори на Чикаго, а го имал употребено и на претходни инаугурации за тие да поминат без птичји какушки.

Стомакот на Финк издржал, но птиците биле малку поосетливи. Иако се сметало дека е неотровен, спрејот се залепил за самите нив, им натежнал на пердувите и предизвикал масовно паѓање на птици на земјата. Според извештаите, целата прослава била обележана со птичји трупови кои лежеле на улиците или се струполувале врз главите на минувачите. Не е ни чудо што тој е и последниот претседател (пред Трамп) кој не присуствувал на положувањето на заклетва на својот наследник.

извор

21 јануари 2021 - 07:53