Најинтересното од Саемот на книгата во Франкфурт 2019

На 16 октомври по 71 пат се отвори најголемиот саемски настан посветен на издавањето и продавањето книги. Кога веќе не можеме да бидеме таму, да видиме што е најважното што се случуваше, или ќе се случува до неговото затворање на 20.10.

Земја во фокусот

Оваа година тоа е Норвешка под мотото „Сонот кој го носиме“, цитат од песна на норвешкиот поет Олав Хоге (1908-1994). По овој повод на германски се преведени дури 510 норвешки книги (!), а некои од нив ќе се појават во книжарниците до крајот на годината. Еден од говорниците на отварањето беше Карл Ове Кнаусгард. Во согласност со слоганот, павиљонот на оваа земја е со минималистички дизајн, исполнет со огледала, сугерирајќи отворени простори во кои може да се развива „сонот кој го носиме“.

Книжевен воз

Норвешката принцеза Мете-Марит пристигна во Франкфурт со сопругот, наследник на тронот, со воз. Со нив беа и бројните норвешки писатели, меѓу кои и Јостин Гардер („Светот на Софија“) и Маја Лунде („Историја на пчелите“).

„Тазе“ Нобеловката

Пет дена откако ја доби највисоката книжевна награда во светот, Олга Токарчук пред публиката на отварањето на Франкфуртскиот саем изјави како се чувствувала кога слушнала за наградата. Веста ја затекнала во автомобил од Берлин до Билефелд: „Бев сосема неподготвена и шокирана“, рече таа додавајќи и коментар за политичката ситуација во нејзината земја по изборите, која ја оцени како „некој вид културна војна“. Во следниве неколу денови таа ќе мора да издржи бескрајни интервјуа и настапи.

Германската книжевна награда

Строго земено, таа не е дел од Саемот на книга, но изминатите 15 години се доделува вечерта пред да се отвори саемот, па добитникот станува ѕвезда на настанот. Тоа оваа година беше Саша Станишиќ, босанско-германски автор, кој признанието го доби за својот роман „Потекло“. Роден во Вишеград, а пребеган во Германија во 1992, тој при примањето на наградата остро го критикуваше Хандке: „Имав среќа да избегам од она што Нобеловецот не го опишува во своите дела“, рече тој. Ова го одреди и тонот на голем дел од дискусиите на саемот, за тоа дали делото може (и треба) да се оддели од личноста на авторот.

Протести за човечки права и слободи

На саемот ќе се одржат „бдеења“ за писатели и други културни работници кои се судени или кои се веќе во затвор заради своите убедувања. Еден од нив е за хонконгшкиот издавач Гуи Минхаи, кој заедно со уште неколкумина колеги веќе четири години се води како исчезнат, а се претпоставува дека е киднапиран од кинеската влада заради објавување книги и материјали со „скандалозна“ содржина за приватните животи на кинеските лидери (за што пишувавме тука)

Награди

На саемот ќе бидат доделени дури 93 награди, од такви за најдобар дизајн, најдобра аудио книга, но и такви кои се однесуваат на други, сродни области, како на пример новинарството. Наградата за храбро новинарство ќе отиде кај Ханене Збис од Тунис. Омилена на публиката е изборот на најдобра книга од независните издавачи која ја бираат посетителите со гласање во живо.

Награда за мир на фотограф

Иако станува збор за саем на издаваштво, најважната од наградите сепак е онаа за мир која ја доделува Германската асоцијација на книжари и издавачи уште од 1950. Утре, 20.10, на затворањето на саемот, неа ќе ја добие Себастиао Салгадо, прв фотограф кој ќе се закити со ова признание. Неговите фотографии раскажуваат приказни од повеќе од 120 земји, од копачите на злато во Амазон до геноцидот во Руанда.

19 октомври 2019 - 12:09