Најголемите и најнеобичните аукции во 2023

За нас малку познатиот свет на аукциите покажува дека за сè има и цена и купувач. Од микроскопски рачни чанти до стари светилници, во оваа година се случија и рекордни продажби на секакви нешта, стари и нови, материјални но и такви кои не можат баш да се подведат под оваа категорија.

Кои беа најинтересните и најскапо продадените нешта на аукции оваа година. Еве дел од нив:

Твитер аукција на канцелариски материјали

Откако Илон Маск го презема Твитер и го преименува во Икс, неговите напори за скратување на трошоците на компанијата вклучи продажба на „вишокот корпоративни канцелариски средства“ од седиштето во Сан Франциско. Притоа, на аукција се продадени и неонскиот знак со пилето, како и помалку интересни нешта, како рерна за пица.

Светилници

Властите на САД оваа година понудија 10 светилници на продажба, промовирајќи ги не само како локации со историска вредност, туку и како „жешки“ приморски имоти.

Загубена слика купена за 4 долари, а продадена за 200.000

За само четири долари купувач-к'сметлија си добил оригинална слика од Њуел Конверс Уајет, американски сликар посебно познат по илустрирањето на 112 книги од едицијата Скрибнер класици („Островот со богатство“, „Том Соер“, „Робинзон Крусо“). Сликата била замешана помеѓу други предмети на старо во продавница во Њу Хемпшир. Откако открил кој авторот, сопственикот ја продал на аукција за 190.000.

Ајфон од 2007

Не ја потценувајте носталгијата. Модел на ајфон оставен во неотворена оригинална кутија се продаде за 63.000 долари. Аукцијата која се случи во февруари повлече тренд по ајфони од првата генерација и ги претвори во „екстремно ретки производи, слични на скапоцени метали“.

Оригинален фустан на принцезата Леа

Ова спаѓа во рубриката „неочекувано“, затоа што единствениот костим кој е останат од првиот филм од серијалот „Војни на ѕвездите“ од 1977, кој требаше да се продаде за 2 милиони долари, остана непродаден на аукција во Лос Анѓелес во јуни.

Шанса да се решава крстозбор заедно со Наташа Лион и други креативни начини на кои писателите и актерите собираа пари во текот на штрајкот во Холивуд за помош на колегите (за што пишувавме тука)

Карта од играта Magic: The Gathering за 2 милиони долари

Рекордната сума ја плати раперот Пост Mалоун за уникатна карта од друштвената игра „Меџик“, со која очигледно е опседнат.

Бели носорози

Крдо од 2000 загрозени бели носорози беше понудено на аукција, од страна на Џон Хјум, неговиот сопственик. Тој од 2009-тата се обидува да ги спаси овие животни во Јужна Африка преку својот проект „Платинум рајно“. Негова цел е да се легализира трговијата со рогови на носорози која е забранета во повеќето земји, преку создавање фарми во кои роговите би можеле безбедно да бидат исечени од жив носорог и да бидат продавани на отворениот пазар.

Роговите на носорозите се направени од кератин - истата супстанца како и човечките нокти и можат да пораснат повторно со брзина од околу 7 сантиметри годишно. Аукцијата се случи поради огромните трошоци за одржување на ваквиот проект, кој од кога е воспоставен го чини хотелскиот могул Хјум над 150 милиони долари. 

20 декември 2023 - 19:11