Делото на Вертов од 1929 се смета за еден од најславните документарци на сите времиња, ремек-дело на рускиот конструктувизам, кој опишува еден ден, од зора до самрак, во различни советски градови. За тогашни услови Вертов покажал неверојатна креативност и техничка умешност во експериментарирањето со оптиката и монтажата (која ја правела неговата жена Елизавета Свилова), за документарните сцени од секојдневниот живот да бидат забележани како со човечко око. Идните генерации од него ги учеле финтите на двојната експозиција, слоу-моушн-от, анимацијата, поделениот екран, до тогаш непознати за документарниот, и воопшто за филмскиот жанр.
Кога прв пат бил направен филмот тој бил без музика, односно таа била изведувана во живо во кино-салите. Од 1983 наваму направени се повеќе музички подлоги, меѓу кои и од славниот Мајкл Најман. Оваа на Алој Оркестра е базирана на белешките кои Вертов му ги дал на неговиот композитор за премиерата во 1929, а бендот иницирал правење и на нова реставрација на 35мм-иот филм, кој оригинално е на совршен сребрен нитрат, кристално чист и со минимум гребнатинки. Во музицирањето бендот користи хармоника, синтисајзери и различни самоделски направени инструменти од метални и други отпадоци, со чиј звук можат да постигнат чувство кај публиката дека од платното напаѓа тигар, слуша бебешки плач или е вовлечена во жарот на руската револуција.
Освен за филмот на Вертов, Алој имаат правено музика и за куп други неми филмови, како „Генералот" на Бастер Китон, „Носферату“, последниот филм на Рудолф Валентино и славниот „Метрополис" на Фриц Ланг.
Еве како звучи тоа: