Eве неколку примери за такви критики, кои реагираат и коментираат во врска со најголемите книжевни контроверзи изминатата година.
„Кенет Голдсмит вели дека е отпадник" од КАКонрад, објавено на поетскиот блог Хариет
Вo март поетот Кенет Голдсмит го присвои извештајот за аутопсијата на Мајкл Браун - 18 годишниот невооружен црн жител на Фергусон, кој беше убиен од бел полицаец - за од него да направи „песна", којшто тој на нарече „Телото на Мајкл Браун". Самиот ја прочита на настап пред студентите на Универзитетот Браун (слика горе).
Помеѓу најдобрите реакции на овој настан е спомнатиот текст, кој му удира вербална шлаканица на авторот кој себеси во едно интервју се има наречено „отпадник". Всушност, се работи за човек кој беше поет-лауреат на Музејот на современа уметност во Њујорк, а стана најпознат по поетскиот настап во Белата куќа во 2011, кога облечен во благо речено необично одело пред претседателот на САД прочита извадок од неговата книга „Сообраќај", транскрипција од сообраќајни извештаи емитувани во тек на 24 часа од една радио станица во Њујорк (за тоа претходно пишувавме тука).
Редејќи му имиња на вистински поети-отпадници, титула која воопшто не е ласкава туку напротив за многумина од нив е трауматична, авторот на критиката потоа пренесува мислења за потегот на Голдсмит од дваесетина поети, од кои четворица биле присутни во салата на Универзитетот додека била читана песната. Еден од нив вели:
„Искрено го сожалувам. Ако нешто научивме од Голдсмит, тоа е дека како писатели во 21 век имаме огромен пристап до информации, но не сите и до мудрост".
„Три писма: Јас не сум вие, и вие не сте јас. Баталете" од Гери Индијана, АРТњуз
Во април-мај 2015 група писатели одбра да протестира на гала-вечер посветена на преживеаните членови на Шарли Ебдо, кога ним им беше доделена наградата на светското здружение на писатели ПЕН за слобода на говорот. Следеше раздор во редовите на писателскиот еснаф, секој табор со свои причини зошто Шарли Ебдо заслужил или не заслужил вакво признание. Гери Индијана имаше свое, прилично приземно толкување:
„Почнувам да мислам дека целава контроверза беше намерно создадена од самиот ПЕН, за да се поттикне возбуда која инаку не ја поттикнуваат неговите активности. Содржината на целата работа е нула, обично има помалку врева околу тоа кој ја добил Нобеловата. Вистинската поента е изгледа во бескрајно повторување на истите четири-пет имиња, при што поголемиот од нив ја должат нивната кариера на позирање и/или бескрајно вмрежување.“
„Тие се преправаат дека сме ние, додека се преправаат дека не постоиме" од Џен Занг, Базфид
Уште еден скандал во книжевните кругови во 2015 беше оној со поетот Мајкл Дерик Хадсон. Откако бил точно 40 пати одбиван од Антологијата на американската поезија, издание кое излегува секоја година а треба да претставува репрезентативен поетски избор, тој својата песна-кандидат ја испратил под лажно, кинеско име, Ји-Фен Чу. Тогаш „Пчелите, цвеќињата, Исус, древните тигари, Посејдон, Адам и Ева" му била прифатена, иако повторно не од прва.
Откако Хадсон самиот го обелодени својот идентитет, следеше бура расправии на различни теми поврзани со онаа главната - од начинот на којшто генерално се составуваат ваквите антологии, преку белечкиот (и воопшто расниот) непотизам во книжевноста и издаваштвото, до политиката на идентитети поврзани со махинациите во американскиот книжевен естаблишмент. Спомнатиот текст објавен на Базфид од американска поетеса со кинеско потекло ја сумира целата работа на следниов начин:
„Белците не сакаат кога нам не ни оди добро, а не им се допаѓа ни кога ни оди добро. Но најмногу мразат кога ним не им оди добро"
Другите нај-критики на 2015 според Flavorwire тука