Целиот проект започнал на 22 мај кога бил објавен повик за „буквално принтање на цел интернет", по што почнале да пристигнуваат отпечатени банкарски изводи, онлајн дневници, статии од весници, спам фолдери, 500 страници поезија создадена од интернет текст и сите композиции на Малер.
„Навистина сум изненадена што има многу малку порнографија" изјавила Памела Ечеверија, основач и директор на галеријата Labor, која ја организира изложбата, и до која до сега пристигнале прилози од повеќе од 600 луѓе од целиот свет. Секоја од пристигнатите пратки може да се прочита на глас од страна на посетителите на мала платформа во галеријата, а дозволено е и слободно „копање" по материјалот. Загрижените за еколошките последици од принтањето нека не се секираат - хартијата ќе биде рециклирана.
И покрај тоа што авторот вели дека целата работа е инспирирана од Шварц и неговата „кражба" на милиони документи од академската датабаза JSTOR, идејата не е дека секој треба да го прави истото. Него повеќе го интересира, како што вели самиот, метриката на целата приказна околу интернетот, и како изгледа, во физичка смисла, да се украде „милиони" документи. „Симнав торент кој требаше да биде дел од материјалот на Шварц. 33 гигабајти, и околку 18,000 документи. Почнав да ги ’отпакувам’, и секој од нив содржеше илјадници и илјадници страници. Почнав да размислувам за големите количества податоци со кои сите ние се соочуваме", изјавил Голдсмит.
Голдсмит е поет лауреат на Музејот на современа уметност во Њујорк за 2013, а стана најпознат по поетскиот настап во Белата куќа во 2011, кога облечен во благо речено необично одело за ваква прилика, пред претседателот на САД меѓу другото прочита извадок од неговата книга „Сообраќај", транскрипција од сообраќајни извештаи емитувани во текот на 24 часа од една радио станица во Њујорк. Еве го настапот: