Изборот на книги на годините од различни категории го правиме исто така користејќи различни извори. Оние научно-популарните ги пренесовме од сајтот на Смитсонијан, а овој, за најдобрите книги за музика на 2023-та, од критичарот на Гардијан, Алекс Петридис.
„Со играње до дома: пат низ подиумот за играње“ од Ема Ворен
Ворен, и самата „клаберка“, знае за што зборува кога станува збор за подиумот за играње - во нејзината книга има многу лични сеќавања но исто така има и наука и социо-културна историја, а и неочекувана полемичка нота. Формативните искуства на Ворен се случувале во 80-тите и 90-тите, „златното доба“, едноставно бидејќи тогаш постоеа повеќе клубови и младински центри кои не беа затворени од долгата рака на претприемништвото и градежната мафија, во култура која како што вели Ворен, „ја фетишизира младоста но изгледа дека не ја сака“. Полемичката нота се однесува токму на тоа - просторите за танцување значат бидејќи особено на младите тие им овозможуваат место каде можат слободно да се отарасат од срамот, гордоста и предрасудите и да бидат она што се.
„Кјурпедија: од А до Ш за Кјур“ од Сајмон Прајс
Според Петридис, големо искушение е да се опише книгата за Кјур на 448 страници како ултимативната занимација за на шоља на остарените „гот“-ови. Но тоа би значело навреда за сето она што го содржи оваа книга, од пасуси за Алберт Ками до врската на Роберт Смит со јапонскиот култ каваи. Првиот есеј се однесува на „дефинирачката песна на Кјур“, „Шума“, во кој се спомнуват Волшебникот од Оз и Магбет. Кјурпедија функционира како дефинитивна историја на бендот, но и како носталгично патување за оние кои го следат бендот од неговите почетоци.
„Црн панк сега“, уредници Крис Л. Тери и Џејмс Спунер
Минатата година познатиот сајт ЛА Ривју оф Букс објави статија со некомплетна листа на панк стихови кои го користат зборот на „н“. На неа се најдоа и познати имиња како Пети Смит, Дед Кенедис и Литл Фингерс, што покажува дека врската на панкот со расните прашања на моменти била контроверзна. Дефинирајќи го терминот „панк“ авторите на овој зборник го слават ова движење, земајќи ги предвид и неговите мрачни петна.
„Квир блуз: скриените фигури на раниот блуз“ од Дерил В. Булок
Булок и претходно се има занимавано со квир историја, во неговата книга која критиката ја нарече брилијантна од 2021, во која ја истражуваше доминацијата на геј мажите во поп менаџерството во 1960-тите (тн. „Велвет мафија“). Неговото истражување на ЛГБТКју фигурите во Америка на блуз сцената од раниот 20 век оди уште подлабоко - бисексуалноста на Ма Рајни и Беси Смит е добро позната, а импресивната листа на љубовници на Џозефин Бејкер ги вклучува и Фрида Кало и Колет. Но книгата покрива и други, помалку познати имиња кои на овој начин се актуелизираат, како експлицитниот хомоеротичен блуз кој постоел во услови на насилни предрасуди и нелегалност.
„Посегни во ѕвездите 1996-2006: слава, пропаст и финалната поп забава“ од Мајкл Крег
Оваа година како да имаше бран на носталгија по музиката од 90-тите и раните 2000-ти: Блур објави нов албум, Палп имаше живи настапи, а Оејзис издаде ремастерирана компилација под наслов „Мастерплан“, која во моментов се качува накај првото место на британските топ листи. Сепак, усната историја на 90-тите и 2000-тите на Мајкл Крег не прикажува баш самозадоволна слика на овој период на поп музиката, барем не од денешна гледна точка на некои од тогашните учесници. Книгата се опишува како одлично парче социјална историја која ги следи подемите и падовите во музичката историја на преминот во новиот милениум, во период пред социјалните мрежи.
Види претходно: Најдобри научно-популарни книги