Утрото на 1 февруари 1524-та стотина Лондончани се собрале крај Темза во морничаво исчекување. Тие, како и голем број други Европејци, се подготвувале за овој ден со месеци, дури и со години: домовите биле полни со резерви храна, вратите и ѕидовите биле забарикадирани, се купувале кајчиња и бродови. Оние кои можеле, избегале во повисоките делови на градовите, а останатите ги качувале своите вредни предмети на повисоките катови. Во Рим биле натрупани големи резерви жито, а благородниците го напуштиле градот заминувајќи во планински места. Во Тулуз некој политичар наводно изградил цела Ноева арка близу врв на планина. Во меѓувреме, во германските земји, властите направиле напори да ги засилат градските ѕидини. Околу Виена масовно се продавале ниско поставени куќи и имоти, за многу помали а во моментот прескапи имоти на повисоко.
Причина: огромна поплава, најавена дури две децении претходно. Пророштвото било на астрономот Јохан Стефлер, кој забележал серија планетарни совпаѓања (конјункции) кои требало да се случат токму во февруари. За астролозите, ваквите појави биле поврзани со големи трансформации на земјата. Во овој случај, Стефлер предвидел „промени во речиси целиот свет кој не се видени со векови“.
Можеби намерно, но ова било кажано прилично општо, и како само едно од многуте предвидувања вклучени во Стефлеровиот Almanach nova plurimis annis venturis inserviens, кој покривал период од 1499-1531. Сепак, неговите колеги низ Европа се обиделе да ги допрецизираат нештата. Бидејќи совпаѓањето на планетите во таа 1524-та биле во хороскопскиот знак риби, ова било протолкувано како знак на некоја катастрофа поврзана со вода. Поплавата според нив ќе траела еден месец, а потоа поради глад ќе следеле селски буни и немири. Се очекувало голем број смртни случаи, заради нешто особено на „Евреи и жени“.
Биле отпечатни дури 150 памфлети во врска со овие предвидувања, што денес историчарите го идентификуваат како ран случај на настан поттикнат од масовни медиуми. Јавноста веќе била во масовна предхистерија, а во тоа помагала и црквата која постојано играла на картата на стравот од Големата поплава, спомнувајќи го потенцијалниот настан во секоја молитва и проповед.
Но пан-европската поплава никогаш не пристигнала. Всушност, повеќето од земјите доживеале дури и посуво време од вообичаено, што било искористено како аргумент повеќе против астролозите. Ваквите и слични предвидувања на астрологијата ја нарушиле нејзината репутација - сепак таа останала да постои како сериозен академски предмет, а астролозите продолжиле да бидат „експерти“ во предвидувањето и во поголем дел од 17 век.