Џејмс Патерсон, чии книги се имаат продадено во над 300 милиони копии и кој го држи Гинисовиот рекорд како прв човек кој продал 1 милиони е-книги, влезе во конфликт со неговиот исто така славен колега Стивен Кинг, откако вториов во интервју од 2009 го нарече „ужасен писател, иако многу успешен“. Иако Патерсон постојано тврдеше дека и покрај отровните стрели кои Кинг му ги пушта со години нема да престане да го цени, тој неодамна напиша роман под наслов - „Убиството на Стивен Кинг“. Приказната е за психотичен обожавател кој ги изведува убиствата од книгите на Кинг на истиот начин на којшто се опишани, со цел на крај да го убие и самиот автор.
Самиот Кинг во своите книги си има создавано вакви пореметени ликови, од страшната Ени Вајлкс во „Мизери“ која го држи својот омилен автор во заложништво терајќи го да пишува, до Мoрис Белами, лошиот во неодамна објавениот трилер Finders Keepers („Најдено-земено“), кој му пука на својот идол во глава. Романот на Патерсон пак, кој според најавите требаше да излезе во ноември, ветуваше дека ќе ги спои „сите најдобри злосторници создадени од Кинг во едно“.
Но минатата недела, кратко време откако го најави нејзиното излегување, Патерсон ја повлече книгата. Тој се одлучил за ваквиот чекор откако дознал дека Кинг и неговото семејство во минатото навистина добивале смртни закани.
„Мојата книга е позитивен портрет на фиктивен лик и - спојлер - главниот лик на крајот не е убиен“, изјави тој преку неговиот издавач. „Сепак, не сакам да му предизвикувам на Стивен Кинг и на неговото семејство какви и да е неприлики. Од почит кон нив решив да не го објавам романот“.
Книгата требаше да биде дел од BookShots, серија кратки книшки, и да биде во коавторство со Дерек Никитас. Таа сега ќе биде заменета со „Пловејќи со Титаник“, приказна за двајца крадци кои се претставуваат како тазе брачен пар на проколнатиот брод, за да можат да ги пљачкаат богаташите кои патуваат со него.
Оние кои ѕирнале во „Убиството на Стивен Кинг“ велат дека главен лик во него е всушност детектив под име - Џејми Петерсон, кој се обидува да го спаси Кинг од убиецот. Истовремено, Патерсон изјавил дека доколку Кинг напише роман насловен „Убиството на Џејмс Патерсон“ тој дефинитивно ќе сака да го прочита.