Нова книга „Нацисти на Нил: германските воени советници во Египет, 1949-1961“ на авторот Вивјан Кинрос ја анализира траекторијата на поранешните соработници на Хитлер, кои по Втората светска војна се нашле во земји како Аргентина или Египет меѓу другото и поради големата побарувачка по хемиски инженери, авио-механичари и воени лидери. На својот врв, колонијата од вакви германски експерти во Каиро, кои работеле во широк опсег области на воената и безбедносната индустрија (ракетни програми, производство на оружје, разузнавање и сл.), броела околу 6000 луѓе.
Според книгата, овие ликови биле „понекогаш непријатни, но секогаш интересни“. Еден од нив бил Јохан фон Лирс, клучен нацистички пропагандист и идеолог, почесен Штрумбанфирер во СС и згоден анти-херој во заедницата „нацисти на Нил“. Приврзаник на Гебелс, тој бил човекот кој напишал 27 книги полни со омраза, меѓу кои „Крв и раса“ и „Евреите те гледаат“, објавени помеѓу 1933 и крајот на војната.
Откако минал неколку години ширејќи антисемитска пропаганда во текот на владеењето на Хуан Перон во Аргентина, во 1956 Лирс се преселил во Каиро каде работел како политички советник и антиизраелски пропагандист за Насер, египетскиот претседател, до 1965. Откако новинар на весникот „Торонто сан“ го начекал во неговата канцеларија во египетската влада во 1956, по неколку тензични моменти, нацистот го открил својот вистински идентитет, запаѓајќи во тиради против американските Евреи. Како и повеќето негови колеги-нацисти, подоцна преминал во ислам, и го сменил името во Омар Амин.
Иако книгата е далеку од хумористична со оглед на темата, сепак има и нешто комично во врска со судирот на германската ефикасност со во најмала рака релаксираниот египетски пристап кон работата. Со такви проблеми се соочувал еден од воените советници, доктор Вилхелм Вос, хипер-ефикасен човек кој имал дарба да може да ја согледа и големата слика на нештата но и да има импресивен осет за детали - „вештина со која не била благословена египетската раководна култура во тоа време“. Во 1952, германскиот воен херој баронот Теодор фон Бехтолшајм, постар морнарички офицер кој преминал во советници, се пожалил дека „ориенталната смотаност“ го вади од кожа, што асоцира и на подоцнежна шега на странци кои живееле во Египет, дека земјата ја раководи IBM (Inshallah - ако даде Бог, Bukra - утре и Maalesh - нема врска).
Едно од поглавјата на книгата се однесува на најголемиот погром на египетските Евреи во текот на арапско-израелската војна од 1948, кој според Еф-би-ај бил замислен од никој друг туку од Адолф Ајхман, еден од клучните идеолози на холокаустот, кој бил во Каиро во тоа време. Сличноста на методите кои претходно ги користел Хитлер е очигледна ако се има предвид дека во раководниот кадар на египетските безбедносни служби во 1950-тите бил Леополд Глем, СС фирер и поранешен раководител на одделението за еврејски прашања на Гестапо во Полска. Негов подреден бил Алојз Мозер, тогаш баран од СССР за злосторства против Евреите.
Списокот на вакви ликови е долг, но веројатно најужасното име е Ариберт Хајм, „доктор Смрт“ (фото горе), кој како доктор во логорот Матхаузен во Австрија бил познат по своите „трикови“ - на пример затвореник со одлични заби да го убие со отров, да му ја пресече главата, да ја пече во крематориум додека не изгори месото а потоа да им го подари черепот на пријателите како украс за на работна маса. За да одбегне меѓународна потерница издадена во 1962, тој заминал за Каиро, каде успешно ѝ пркосел на правдата до смртта во 1992, тивко живеејќи како муслиман под името Тарек Хусеин Фарид. Авторот Кинрос после сето ова се прашува, дали сето ова наследство лежи во основата на стравот, репресијата и тортурата карактеристична за денешната полиција, војска и судство во Египет.