Исланд објавува повеќе книги по глава на жител отколку која и да е друга земја во светот, со пет наслова на секој 1,000 Исланѓани. Она што е исто така невообичаено е тајмингот на поголемиот дел од изданијата, од крајот на септември до почетокот на ноември. Овој период има и име - Jolabokaflod, или „Божикна поплава од книги".
„Културата на дарување книги е длабоко вкоренета во тоа како семејствата го доживуваат Божик како празник", вели Кристјан Б. Јонасон, претседател на исландското Здружение на издавачи. „Луѓето добиваат подароци вечерта на 24.ти, и цела ноќ остануваат да читаат. На многу начини ова е темелот на издавачкиот сектор тука на Исланд."
Денес исландскиот се говори од отприлика 319,000 луѓе кои живеат во малата земја. Но во 2009. бројот на позајмици во градската библиотека во Рејкјавик изнесувал 1,2 милиони книги - во град од само 200,000 жители (!?). Постои популарно телевизиско шоу, „Килјан", кое се однесува исклучиво на книги. А во 2011. Рејкјавик беше прогласен за УНЕСКО град на литературата.
Она што ја прави разликата во комерцијална смисла во однос на пазарите во САД и Британија е што во вториве мал број луѓе купуваат голем број книги, а сите останати во најдобар случај по една. На Исланд најголемиот број луѓе купуваат по неколку книги годишно.
Што се однесува до жанровите, главно се продава белетристика и биографии, но пред две години изненадувачки бестселер била илустрирана историја на трактори на Исланд.
„Поплавата" со книги почнува со издавање на каталог на нови изданија од Здружението на издавачите, кој се дистрибуира бесплатно до секој исландски дом. Оваа година тој содржи рекорден број изданија, 842. Само за споредба во 2011. во САД се објавени скоро 350,000 нови наслови. Она што се подарува на Исланд се сепак „старовремските" книги на хартија, што е можеби ехо на некогашните ограничувања на увозот на подароци, особено на такви изработени од хартија, што од книгите направило посебно ценет подарок.
Доколку се одлучите за ваков подарок за празниците еден совет: немојте да го гњавите оној кому сте ја подариле со тоа дали ја прочитал. Ако го сторил тоа и му се допаднала, ќе ви каже. Ако не - следниот пат купете му од оние Новогодишни венчиња за на врата што пеат.