Keлнскиот концерт е двоен албум на џез пијанистот Кит Џерет, снимен во Операта на Келн, тогаш Западна Германија, на 24 јануари 1975. Денес тој важи за најдобро продаван соло албум во џез историјата, и најдобро продаван пијано албум.
Концертот бил организиран од Вера Брандес, која тогаш имала 18 години, а од свои 15 веќе соработувала со значајни имиња на џез сцената. Таа ја организирала серијата концерти во Келн под наслов „Нов џез“, а петтиот во таа низа бил токму овој на Џерет. Доцниот почеток се должел на тоа што сцената на операта претходно била зафатена со изведба на друга претстава. Шоуто било распродадено, со над 1400 слушатели кои платиле билет од по 4 германски марки.
На барање на Џерет, Брандес избрала концертно пијано Безендорфер 290 империјал. Но поради некаква збунка, во операта пијаното било заменето, и наместо него поставено многу помало. Грешката била откриена предоцна, а пијаното не само што не било бараното, туку се користело само за проби и му биле потребни неколку часа штимање и поправки за да може да послужи за изведба на концерт. Дури ни педалите не му работеле како што треба. Секаков итен транспорт на друг инструмент не доаѓал предвид, меѓу другото и затоа што надвор имало бура и дождот би го оштетил.
Џерет претходно настапил во Цирих и иако Брандес му испратила авионски билет до Келн, тој го заменил за кеш и му се придружил на продуцентот на ЕСМ Рекордс (дискографската куќа која ќе го сними Келнскиот концерт) за со неговото старо Рено 4 да дојдат до дестинацијата. Кит поради долгиот пат имал проблеми со 'рбетот и морал да носи појас. На сета мака, вечерата не му се погодила па бил и гладен. Кога се соочил и со расипаниот инструмент, изгледало дека целата работа ќе биде откажана. Но поради бројната публика и фактот што опремата за снимање веќе била поставена, тој сепак одлучил да настапи.
За да ги надмине недостатоците на инструментот се концентрирал на свирење во средината на клавијатурата (левата страна, долните регистри, речиси не се слушале), користејќи „остината“ - мотиви и фрази кои се повторуваат во ист тоналитет. Во голема мерка материјалот бил импровизиран, понекогаш со долги пасажи (од по речиси 10 минути) со повторување на само еден акорд. Накратко, тој успеал на пијаното, со сите негови маани, да изведе дело кое никогаш немало да било создадено доколку условите биле идеални. Со децении албумот важи за „мора да го имаш“, потврдувајќи ја поговорката дека „неопходноста е мајка на иновацијата“. Слушнете сами.