На 25 март 1961 во село недалеку од Перм во Советска Русија, локалците пронашле труп врзан за седиште кое се катапултирало од вселенско летало. Кој би можел да биде мистериозниот патник? Ниту еден човек се уште немал отпатувано во вселената. Дали можеби бил вонземјанин: Или полошо - да не дошол од декадентниот Запад?
Властите ги спречиле гласините со тоа што официјално соопштиле дека станувало збор за кукла. И навистина, кога спасувачите стигнале до местото таму нашле беживотна фигура во необична униформа. Го нарекле Иван Иванович (руски еквивалент за Џон До). На куклата имало закачено знак со само еден збор - МАКЕТА.
Иван не бил пречекан на Земјата со букети или војнички поздрави како идните космонаути. Тој бил дел од Корабл Спутник 5, тест програма која требало да го трасира патот на програмата Восток, преку која СССР се надевал дека ќе ги претрка Американците со тоа што ќе го лансира првото човечко суштество во вселената.
Советската програма била позната по својата мистериозност. Информациите за летовите биле внимателно контролирани. Од една страна, ова значело дека Советите ова можеле да го користат како пропагандна алатка, дека кријат нешто бидејќи се чекор понапред од останатите. Од друга страна, ова создало клима во која цветале гласините и шпекулациите.
Една од теориите на заговор тврдела дека Советите и претходно имале испратено луѓе во космосот, дека тие таму умреле и дека тоа се крие. Така почнала да се шири Теоријата за загубениот космонаут.
Таа започнала во доцните 1950-ти, но особено се засилила во текот на спомнатата програма Корабл-Спутник. Според неа Иван не била кукла, туку човек, космонаутите и претходно умирале поради технички грешки или полудувале во вселената. Некои од нив биле проколнати да кружат околу нашата планета кога нивните капсули одбиле да се вратат итн.
Во сето ова предничеле радио-аматерите кои тврделе дека пресретнале разговори помеѓу Земјата и ваквите летала кои ја потврдуваат теоријата.
На 12 април 1961, неколку недели по летот на Иван, 27-годишниот офицер на советската авијација, Јуриј Гагарин, станал првиот човечки патник на вселенското летало Восток 1. Америка едвај се прибрала од шокот на неговиот успешен лет, кога Герман Титов, понекогаш познат како „поетот од вселената“, станал космонаут број два во август таа година. Дури откако претседателот Кенеди лично потврдил дека летовите се случиле, многумина Американци без ќеф ја прифатиле ситуацијата.
Сепак, теоријата на Загубените космонаути продолжила да орбитира и во 1960-тите, дури и се засилила, со оглед на тоа што Американците сега имале причина повеќе да тврдат дека постоеле многу повеќе советски вселенски несреќи отколку што е тоа јавно познато. Извештаите за ваквите наводни случки содржеле и трогателни детали, на мешани машко-женски екипажи чии последни зборови биле: „Нека татковината нè памти по добро. Загубени сме! Загубени!“.
Всушност, Ивановиот лет бил потребен за да се тестира микрофонот и системот за пренос на човечки глас. Но користењето на реален глас значело да се поттикнат теориите за загубените космонаути. Предлогот да се пушти некакво пеење било ризично бидејќи можело да се толкува дека астронаутот полудел. На крај се отишло со снимка на хор бидејќи дури и најтрулиот капиталист не би претпоставил дека цел хор би можел да се смести во вселенско летало. Исто така, снимен е и рецепт за боршч. Така, Иван Иванович летал наоколу малку потпевнувајќи, а малку читајќи рецепт за супа од цвекло.