Во главниот град на Холандија минатата година успеа да помине закон за намалување на бројот на продавници чии муштерии се туристи во историскиот центар, чија цел е овој дел на градот да им се врати на локалните жители. По судски случај кој градот го водеше против амстердамската компанија за сирење „Чиз“, која има продавница на авенијата Дамрак во центарот на Амстердам, таа мораше да затвори, и покрај неколкуте жалби на ваквата одлука.
Главната карта на која играше тужителот беше дека рекламирањето, етикетите на производите и користењето на англискиот во самата продавница претставуваат јасни индикатори дека таа - една од петте на истата компанија во градот - постои во корист на туристите, а не за потребите на локалните потрошувачи.
Сопственикот, Куириџин Колф, изјавил дека англискиот во неговата продавница се користи затоа што тоа е наједноставниот начин на комуникација во Холандија, каде над 90% од луѓето велат дека тој им е втор јазик. Во 2008 градскиот совет на Амстердам дури сугерираше дека англискиот би требало да биде и дозволен како втор јазик во официјалните преписки, со оглед на тоа што еден од 10 Амстердамчани зборуваат англиски, но не и холандски.
„Ние сме меѓународна заедница, особено во Амстердам. Комуницираме на англиски. Тоа за некого е можеби глобализација, но одлуката е дискриминаторска. Изгледа дека сакаат да го искористат овој случај како тест, да видат како ќе помине, па потоа евентуално да го применат на други“, изјавил Колф. Додал и дека потпишал 15-годишен договор за изнајмување на објектот уште пред прогласувањето на законот за туристички ориентираните продавници, за чие раскинување сега треба да плаќа пенали. Компанијата ќе се жали на повисок суд, и тоа со поддршка на снабдувачите.
Сето ова е резултат на погенерална дискусија околу растечката доминација на англискиот во Холандија. Неодамна холандскиот дневен весник De Telegraaf пренесе коментари на Питер Дуисенберг, од Асоцијацијата на универзитети на Холандија, кој предупреди дека растечкиот број предмети кои се предаваат на англиски би можело да доведе до прекумерен број меѓународни студенти на сметка на оние од Холандија. Освен во Утрехт, сите студии по психологија, на пример, се на англиски, што за еден Холанѓанец кој има намера да практикува психологија на својот мајчин јазик може да биде хендикеп.
Позитивна нота на целава дискусија може единствено да даде слоганот на спомнатата продавница за сирење - „Кажи му чиз на животот“.
Извор: Гардијан