Одбележувањето на смртта на генијалниот ренесансен полимат е поврзано со неколку интересни моменти. Прво, караниците помеѓу Франција и во Италија за тоа каде и како ќе се одвиваат церемониите, и која од земјите има право на тоа Леонардо да го нарече „свој“. По повеќемесечни натегања, претседателите на двете држави денес, 2 мај, се сретнаа во замок во местото Амбоаз во централна Франција на реката Лоара, каде Да Винчи живеел од март 1516 до својата смрт во 1519, и каде што согласно неговиот тестамент е и закопан, во црквата св. Флорентин. Некои од делата кои самиот мајстор ги донел тука од Италија биле Мона Лиза, портретот на св. Јован Крстител и Богородица и св. Ана. Сите три денес се чуваат во музејот Лувр во Париз.
Причината зошто воопшто се преселил од Италија во Франција е предмет на многу толкувања и легенди. Според една тој бил избркан од родната Тоскана заради својата хомосексуалност, која тогаш била законски забранета. Според друга, до Франција на 65-годишна возраст патувал преку Алпите качен на мазга, носејќи ја „Мона Лиза“ во бисаѓи, а на ваков чекор се одлучил по поканата на францускиот крал кој му ветил голема доживотна пензија и замок на Лоара. Нешта кои и ги добил, иако не успеал долго да ужива во нив.
Ново во контекст на прославата е што по пет века конечно е изработена мала бронзена статуа на коњаник, од восочен модел кој му се припишува на Леонардо, а бил направен во раните 1500-ти. Јавачот е најверојатно францускиот гувернер на Милано од тоа време, Шарл Де Амбоаз. Макетата била дел од тестаменталното наследство кое Леонардо му го оставил на својот асистент и пријател, Франческо Мелзи, а кое во текот на годините минувало од рака во рака, од една приватна колекција во друга. Со оглед на тоа што восокот почнал да се распаѓа (во меѓувреме исчезнале една нога на коњот и рацете и стапалата на јавачот), најпрвин е направен калап, а дури 25 години подоцна и бронзен одливок. Тој се чува во приватна збирка во Лас Вегас, но сега, по повод годишнината од смртта на да Винчи, е испратен на светска турнеја.
Третата вест е дека скица на човек со брада (фото горе) која се чува во британската Кралска колекција е идентификувана како еден од само двата портрети кои постојат од Леонардо. Се претпоставува дека е нацртан кратко време пред неговата смрт, меѓу другото затоа што го претставува како „благо меланхоличен и снеможен“. Авторот е неименуван асистент на Леонардо, а сега за прв пат ќе биде изложен во Бакингемската палата. Претходно познатиот портрет е изработен од Мелзи, и е отприлика од истиот период, кога Леонардо имал 65 години.