Кога „Титаник“ удрил во санта мраз и потонал ноќта помеѓу 14-ти и 15-ти април 1912, катастрофата доминирала на насловните страници на светските весници. Затечени од судбината на наводно неуништливиот брод, по првичниот шок луѓето се сетиле на фиктивна приказна која се појавила во американско списание само една недела претходно, а која била необично слична со она што се случило во реалноста.
„Белиот дух на катастрофата“ бил расказ објавен во списанието „Популар“, а како автор бил наведен извесен капетан Мајн Клу Гарнет. Во кратката проза, тој опишува грандиозен прекуокеански брод, негов судир со санта мраз во северниот Атлантик и ужасна загуба на животи којашто следи. Бројни детали се идентични на оние кои се појавиле во извештаите за реалната катастрофа на „Титаник“. Случајно?
Бродот во приказната под име „Адмирал“ е долг 800 стапки, а „Титаник“ 883. Исто како и „Титаник“ и тој е нов брод, кој има „прекраток живот“, односно е уништен при првата пловидба. Виновен за насукувањето и потонувањето на бродот во расказот е капетанот, кој наредува да се плови со превисока брзина, несоодветна за временските прилики. Кога сфаќа дека бродот тоне, тој се убива со пиштол - еден од начините на кој капетанот на „Титаник“, Едвард Џ. Смит наводно умрел, иако ова не е докажано. Интересно е што вториот офицер на „Адмирал“ исто така се вика Смит.
Весниците низ цела Америка, по трагедијата на Титаник веднаш се сетиле на расказот а претпоставката била дека Гарнет го напишал по своето пловење на „Олимпик“, малку постарата сестра на Титаник (види претходно: „Зошто го памтиме Титаник а не и Олимпик“).
„Белиот дух на катастрофата“ го прославило името на Гарнет, но малкумина знаеле дека тоа е всушност псевдоним. Вистинското име му било Тортон Џенкин Хајнс, а претходно бил познат поради помрачни приказни. Во 1891, на возраст од 24 години, тој застрелал пријател во срцето додека тие веслале близу Хемптон во Вирџинија. Бидејќи сведоците биле прилично оддалечени од местото и давале контрадикторни изјави, тој бил ослободен. Сепак, неговата репутација во локалната заедница била влошена, и покрај тоа што бил син на познат генерал и внук на адмирал.
Како социјален отпадник тој морал со сопругата да се пресели во друга држава, а до почетокот на 20 век неговата репутација се подобрила и тој почнал да објавува книги и да пишува статии за познати списанија како Харперс или Космополитен.
Но наскоро повторно се нашол среде случај на убиство, уште посензационално од претходното. На 15 август 1908, Хајнс го придружувал својот помлад брат, воениот капетан Питер С. Хајнс во клубот за јахти во Квинс, кога тие се судриле со извршен директор на некое списание, Вилијам Анис, кој наводно имал тајна врска со сопругата на Питер. Овој испукал куршум кон Анис, кој само што се вратил од трка со јахти, и бил се уште облечен во костим за капење. Хирурзите кои се обиделе да му го спасат животот подоцна сведочеле дека во него нашле пет куршуми, а само еден од нив направил шест одделни рани. Починал неколку часа подоцна во болница.
Браќата биле судени одделно. Иако Питер го повлекол орозот, Хајнс наводно го поттикнал на ова, и во судницата, меѓу другото и поради своето минато, бил третиран како поголемиот злосторник. За да биде уште поскандалозно, Клаудија Хајнс, сопругата на Питер, на сведочењето рекла дека немала афера со Анис, но дека нејзиниот девер ѝ се пуштал, и бил љубоморен на својот брат. Откако повеќе пати го одбила, тој наводно се заканил дека ќе се одмазди, на свој начин.
Обвинителството барало електрична столица, но поротата по една цела ноќ дискусии го ослободила. Њујорк Тајмс го нарекол овој исход „шокатен неуспех на правдата“.
И тоа не е сè. Во текот на судењето, Хајнс успеал да се најде на насловните страници со уште еден скандал - со тоа што излегло дека е татко на детето на својата француска слугинка, која работела за неговото семејство. Неговиот брат Питер бил осуден за убиство на 8-16 години во Синг-синг. Во 1911 бил помилуван од гувернерот на Њујорк.
Хајнс поживеал до возраст од 86 години. Починал во 1953 и никогаш не напишал нешто што привлекло толку внимание како „Белиот дух на катастрофата“.