Овој месец излегува компилација од раната музика на авангардниот композитор и инструменталист, под наслов „Мундог: на улиците на Њујорк“, која се состои од композиции за дувачки или удирачки инструменти, на кои им се восхитувале, и од кои се инспирирале Филип Глас, Стив Рајх, Том Вејтс и многу други.
Роден во Канзас во 1916, Мундог објавил десетина албуми во текот на неговиот живот, некои од нив и за големи дискографски куќи. Често ги дизајнирал сопствените инструменти, како оној наречен „тримба“ - конструкција од триаголни тапани и цимбал, и „Оо“, мал инструмент во форма на харфа, направен со жици од пијано (слика доле). Неговите дела биле инспирирани од класиката, од различните епохи на американскиот џез, но и од домородната северноамериканска музика. Во 1967 бендот на Џенис Џоплин издал кавер на неговата „Сè е осаменост“, а во 2002 дел од „Ламент за Брд“, која Мундог ја напишал во 1969 во чест на Чарли Паркер. четиринаесет години по неговата смрт, бил искористен во реклама за џипот Линколн Навигејтор.
Во 1932, кога Мундог имал 16 години, ослепел по инцидент со динамит. Учел музика во училиште за деца со општетен вид, читајќи ноти на Браево писмо. Во 1943 се качил на автобус за Њујорк, изнајмил соба во која имало само вреќа за спиење, подвижна органа и мало шпоретче. Работел како модел на часови за цртање, се спријателил со диригентот Артур Роджински и почнал да присуствува на проби на Њујоршката филхармонија. Во 1947 го зел името Мундог, во спомен на неговото некогашно куче со три нозе кое секоја вечер неутешно завивало кон месечината. Веќе во 1949 го зазел своето место на Шестата авенија и во викингшки костум свирел за бакшиш.
Наскоро издал серија плочи на 78 вртежи, а луѓето од дискографската куќа му дозволувале да спие во подрумот и да го користи студиото ноќе. Сепак, имало периоди кога бил бездомник. Кога Филип Глас во Вилиџ Војс прочитал дека Мундог бара живеалиште, му го понудил својот дом, каде Мундог живеел цела година. А не бил баш некој цимер - Глас и неговата сопруга морале да ги чистат празните кутии од крофни и пилешко расфрлани низ собата, а често се расправале и заради расизмот, сексизмот и антисемитизмот на Мундог. Бил тежок човек, но преталентиран музичар, чие дело Глас решил да го архивира со помош на тон инженер од радиото WNYC.
Така, помеѓу 1953 и 1962 биле направени десетици снимки од Мундог како свири на улица, кои денес се чуваат во Конгресната библиотека. Тие, често не подолги од минута, сега звучат како ехо од некој друг универзум, или како визионерски увид во тоа како ќе звучи иднината - мешавина од традиционални ритми, сообраќајна гужва, брзи чекори и техно отчукувања на безброј невидливи часовници.
Целосниот албум „Мундог на улиците на Њујорк“