Ги знаете тие финти. Книгата или филмот почнуваат со приказна која се одвива во сегашноста, а во следното поглавје или сцена нè враќа во минатото, пред 5 дена или 50 години. Во текот на нарацијата можни се и други скокови, до таму што човек веќе може и да не знае каде е на временската оска, додека нештата не се спојат на крајот (или не).
Раскажувачи од секаков вид ги пренесуваат настаните во нелинеарна низа или поради ефект, или (во обичен муабет) бидејќи заборавиле некој клучен детал и сакаат да ја пополнат празнината. Сепак, ваквите скокови знаат да бидат дезориентирачки. Затоа што ги живееме нашите животи хронолошки, а пополнувањето на јазовите во раскажувањето бара ментален напор. Истражувањата покажуваат дека нашите реакции и сеќавања се одвиваат побавно доколку нештата ни се презентирани без ред.
Во мала студија објавена неодамна во списанието Cerebral Cortex група истражувачи од Универзитетот во Дартмут се обидуваат да најдат одговор за тоа како нашите мозоци всушност ги процесираат овие наративни скокови во хронологијата.
Испитани се скенови со функционална МР на 20 здрави учесници, од 19-53 годишна возраст, додека ja гледале комедијата „(500) денови лето“, во кој има вакви игри со хронологијата. Она што го сфатиле е дека нашиот мозок користи привремени временски ознаки базирани на податоци кои се појавуваат во филмот (за тоа колку време поминало од едно нешто до друго, за која година или датум станува збор итн.) за да ги реорганизира настаните во хронолошка низа во реално време. Како и да му се претставени, мозокот се обидува да ги подреди сцените кои припаѓаат на една иста временска низа.
Тимот идентификувал неколку специфични мозочни региони кои изгледаат особено сензитивни на наративни скокови низ времето, но мајсторството за енкодирање на настаните во вистинскиот редослед е генерална карактеристика. Една од можните причини за ваквиот наш „талент“ е во тоа што разбирањето на редоследот на нештата помага во формирање каузални врски помеѓу еден и друг настан или помеѓу елементите во приказната. А колку што е појасно што е причина а што последица, толку подобро може да се предвиди она што следи и да се пронајде смисла во светот и околината. Секако, ако воопшто ја има.