Мозочни клетки во тацна научиле да играат „Дум“. Иначе?

Она што до вчера изгледаше како чиста научна фантастика, денес сè повеќе станува дел од научната реалност. Експерименти во кои мозочни клетки учат да играат видеоигри или цели мозоци се пресликуваат во дигитален свет отворajќи нови хоризонти, но и нови дилеми. Колку сме блиску до иднина во која границата меѓу човекот и машината ќе исчезне?

Во САД, истражувачи успеале да создадат дигитална верзија на мозок од овошна мушичка и да ја „вратат“ во виртуелно тело кое се однесува како вистинско. Во Австралија, пак, научници истренирале човечки мозочни клетки, одгледани во лабораторија, да играат видеоигра од 1990-тите (конкретно популарната „Дум“). Овие проекти се сметаат за голем научен напредок, но истовремено отвораат прашања за иднината – дали се движиме кон свет во кој ќе постојат дигитални копии на живи суштества или дури и луѓе?

Во експериментот изведен во Австралија, околу 200.000 неврони, добиени од човечки клетки во „тацни“ (Петриеви садови), се поставени на мал чип и поврзани со компјутер. Преку електрични сигнали, тие примаат информации од играта и враќаат одлуки (движење, пукање), со што учат како да ја играат. На почетокот не знаеле што да прават, но постепено почнале да реагираат и да стануваат подобри.

Овие клетки не се земени директно од мозок, туку се создадени од крвни клетки што се „вратени“ во почетна состојба и потоа претворени во неврони. Така се избегнуваат инвазивни процедури, а се добива живо ткиво што може да комуницира со компјутер.

Сепак, иако системот учи, научниците сметаат дека тој не е свесен. Станува збор за контролирано учење, а не за вистинска интелигенција. Но, ваквата технологија отвора можности – на пример, еден ден би можело да се користи за побрзо учење или директна комуникација меѓу мозок и компјутер, што носи и етички ризици, како можност за манипулација со меморијата.

Во САД, дигиталната мушичка покажува друг важен увид: некои облици на однесување можеби не се учат, туку се вградени. Виртуелниот инсект веднаш знае како да се движи и да функционира, што ја доведува во прашање идејата дека интелигенцијата секогаш мора да се стекне преку учење. И покрај футуристичкиот карактер, најголемиот потенцијал на овие технологии засега е во медицината – особено за тестирање лекови и проучување болести како епилепсија, на начин што може да се прилагоди на конкретен пациент.

Иако сме далеку од сценарија во кои луѓето ќе „се префрлаат“ во компјутери, овие експерименти покажуваат дека границата меѓу биологијата и технологијата сè повеќе се замаглува. Засега, првиот биолошки компјутер прави нешто многу човечко, а навидум банално – игра игри. А играта за децата е, нели, подготовка за живот.

извор

26 март 2026 - 08:58