Тоа кога помеѓу последната епизода од претходната сезона и првата од новата поминало толку долго време, што човек дури и заборавил за што станува збор, коментатор на NPR го нарекува „мозочен јаз“. Порано тоа не се чувствуваше „до толку“, но затечени од пандемијата некои филмски студија и продукции мораа да ги одложат снимањата, па така, во случајот со „Бетер кол Сол“, на пример, тој период се растегна на цели две години (додуша oва имаше врска и инфарктот на Боб Оденкирк, но тоа е друга тема).
Две години пауза во следење на серија е цела вечност, особено ваква серија, со голем број ликови и динамични дејства. Сè што останува се замаглени спомени на долги сцени во кои адвокатот Сол, односно Џими Мекгил, и девојка му Ким Векслер, разгледуваат некакви документи, Ким му се придружува во детално планираните измами или го вади од последиците, а во домот на Начо Варга („лошиот“) има некаква рација, пукање и бегање низ тунел. Се појавуваат и некои ликови од „Брејкинг бед“ („Бетер кол Сол“ е привкел на истата), но се уште не и главните, Волтер Вајт и Џеси Пинкмен. Прилично малку спомени за цели пет сезони. За „Пики Блајндерс“ па, дамбетер. Toмас Шелби пуши цигара по цигара, има многу насилство, а во последните епизоди се појавија и некои фашисти. Толку.
Овој „јаз“ секако не важи само за гледање серии туку и за која било друга надоврзувачка активност, помеѓу чии фази е оставено предолго време за лесно да се воспостави континуитет. Трагата во меморијата постои, но избледува, па нештата мора да се повторат, јазот да се прескокне, пред да може да се продолжи. Големи паузи помеѓу сезони во некои серии имаше и претходно (и онаа помеѓу 4-тата и 5-тата сезона на „Сол“ траеше 18 месеци), а тешко е да се поверува дека од совршената прва сезона на „Матрјошка“ (Russian Doll, Букбокс осврт тука) поминале повеќе од три години, а новата, втора сезона, ќе се случи дури оваа пролет.
Јазот се зголемува ако во меѓувреме се консумираат други сериски производи кои си го бараат своето внимание, па излегува дека на моменти човек мора да памти, до следната сезона, не една, туку повеќе серии. Секако, има и лек - гледање, повторно и повторно, на истите епизоди, не само како потсетување, туку и како намалување на времето на чекање до нешто ново.