Страшната реалност на Аушвиц често пати се одвивала врз позадина на „весела“ музика. Оркестар составен од затвореници бил принудуван, во работни денови пред и по работното време, и на неделните концерти, да ги забавува војниците и офицерите.
Иако ова е познато како историски факт, до скоро не се располагаше со ракпис на дело кое било напишано и изведувано во концентрационите логори. Сега Патриша Хол, професор по музичка теорија на Универзитетот во Мичиген открила еден таков во Музејот на Аушвиц Биркенау.
Во 2016 Хол, знаејќи дека во спомнатиот музеј се чуваат и нотни записи, одлучила да замине за Полска и да ја истражи архивата. Очекувала дека ќе наиде на печатени материјали, но резултатот бил уште порелевантен - наишла на неколку ракописни нотни записи, од кој еден е особено морничав, со оглед на суровата иронија на неговиот наслов: „Најубавото време од животот“.
Станува збор за фокстрот, заснован на љубовна песна од популарниот германски филмски композитор Франц Гроте. Автори се тројца затвореници, кои ја аранжирале музиката така за таа да може да се изведува на 14 инструменти: девет виолини, виола, туба, тромбон и два кларинети. Хол верува дека делото било изведувано во тек на вообичаените неделни концерти пред вилата на Рудолф Хес, командантот на Аушвиц.
Концертите обично траеле три часа со паузи, а освен музика за слушање имало и таква за играње, што во недела им било дозволено и на војниците. Веројатно токму за таа намена служел и овој фокстрот. Тој е потпишан од авторите со нивните затворски бројки, што на Хол и овозможило да ги идентификува како Антони Гаргул - полски војник и виолнист и Максимилијан Пилат, професионален фаготист со завршен конзерваториум. Обајцата биле политички затвореници, и обајцата ја преживеале војната. Тие не биле Евреи бидејќи Евреите не им било дозволено да свират во машкиот оркестар во Аушвиц до при крајот на војната. Идентитетот на третиот музичар е непознат.
Откако го открила ракописот Хол во соработка со нејзин студент го траксрибирала аранжманот, а потоа е направена професионална снимка со точната инструментализација која ќе стане дел од музејската збирка. Делото беше изведено во живо на 30 ноември, прв пат од Втората светска војна.