Роден во приморскиот Бакар, Хрватска, во 1923, Бранко Матаја бил самоук музичар и изработувач на гитари - првата ја направил кога имал само 10 години. Како тинејџер Германците го собрале од улиците на Белград каде се доселил со своето семејство, и ја поминал Втората светска војна во работен камп, за при крајот на 1960-тите со семејството да се пресели во северен Холивуд. Најпрвин работел во американската војска, која практично го ослободила кампот, како готвач, бербер и препродавач на цигари и слатки, но наскоро повторно почнал да изработува гитари. Тие биле толку квалитетни што една од нив завршила во рацете на Џони Кеш. Во меѓувреме научил и да свири сакајќи да ѝ оддаде почит на својата некогашна татковина, Југославија, каде никогаш повеќе не се вратил освен преку гитарските медитации.
„Она што го правел Бранко не го правел никој друг во тоа време“, вели Давид Јерковиќ, 43-годишен американски музичар кој сега го актуелизира делото на Матаја. „Неговото свирење го има интензивниот квалитет на аутсајдер, а неговата студиска техника е неверојатна - работел со звукот на дотогаш невиден начин“.
Јерковиќ копал по стари плочи во продавница на Холивуд во 2005 кога наишол на копија од албум под наслов „Традиционални народни песни од Југославија“ по цена од седум долари. Бранко делувал толку фраерски на корицата што морал да го купи. Освен тоа, родителите на Јерковиќ биле со потекло од Хрватска, па тоа дополнително го заинтересирало.
Спомнатата плоча била издадена за мала издавачка куќа, најверојатно самофинансирана. Таа, како и снимки кои Матаја ги издал на касета една деценија подоцна сега се собрани во нова компилација, „Преку полиња и планини“, која зрачи со некоја морничава убавина и носталгија.
Неговиот син Бата, кој денес е успешен бизнисмен кој продава посебно прилагодени автомобили за филмската индустрија, вели дека кога бил мал татко му ги свирел популарните песни од 1940-тите, оние на Нет Кинг Кол, Џанго Рајнхарт, но не ги памти овие балканските, за кои и самиот бил изненаден дека постојат како снимки.
Лошото здравје го приморало Матаја да прекине со свирењето гитара во 1990-тите. Депресивен, починал од срцев удар во 2000. Лесно можел да остане заборавен, доколку еден млад музичар не плател 7 долари за неговата стара плоча.